НАЈГОЛЕМ БРОЈ ОД НОВОЗАБОЛЕНИТЕ ОД КОВИД-19 ВО ЗЕМЈАВА СЕ НАД 60 ГОДИНИ И ОД 30-39

    НАЈГОЛЕМ БРОЈ ОД НОВОЗАБОЛЕНИТЕ ОД КОВИД-19 ВО ЗЕМЈАВА СЕ НАД 60 ГОДИНИ И ОД 30-39Новозаболени во периодот од 27 јули до 2 август се регистрирани во 28 градови, при што најголем процент на новозаболени има во Скопје - 27,9%, а бележи благо намалување три недели по ред. (Фото: К. Попов)

    Се намалува Р-0 факторот на преносливост на коронавирусот, изнесува 0,9, а во континуитет речиси еден месец е околу 1, соопшти Министерството за здравство. Оттаму ја пренесуваат неделната статистика на Институтот за јавно здравје за периодот од 27 јули до 2 август, каде стои дека продолжува и трендот на намалување на бројот на новозаболени и починати лица, а се бележи и значително зголемување на бројот на оздравени лица, во однос на претходната недела.

    Според извештајот, во дадениот период се направени вкупно 9.709 тестирања (146 повеќе од периодот 20–26 јули) и регистрирани се 912 позитивни случаи на ковид-19, што е за 4,6% помалку од претходната недела.

    Во периодот 27 јули до 2 август се регистрирани 29 смртни случаи, што е намалување од 14,7%, во однос на минатата недела. Најголем дел од случаите се лица над 60 години – 75,9%. Во болнички услови се починати 24 од случаите, а пет вон болнички. Кај 23 од смртните случаи (79,3%) се регистрирани претходни коморбидитети.

    „Во периодот на известување благо намалување има и во процентот на позитивни од тестирани случаи, кој изнесува 9,4% (претходната недела 10% од тестираните беа позитивни)“, вели ИЈЗ.

    Новозаболени се регистрирани во 28 градови, при што најголем процент на новозаболени има во Скопје (27,9% – бележи благо намалување три недели по ред), во Штип (12,2%) и во Гостивар (11,2%). Во 19 градови во земјата, за истиот период, бројот на новопотврдени случаи е под 20.

    Во однос на старосната структура на новозаболените во овој период најголем процент се лица над 60 години – 22,9%, а поголем број заболени се регистрира и кај лицата на возраст меѓу 30-39 години – 19,4%. Во возрасната група 40-49 години се 17,9% од новозаболените, а во групата 50-59 години – 17,8%. Најмал број е регистриран кај децата од 0 до 9 години – 3,1% и 10-19 години 5,0%.

    Од 912-те случаи кои се епидемиолошки истражени се хоспитализирани 136 лица или 15,7%, а кај 277 лица или кај 32,2% регистрирано е присуство на коморбидитети. Од вкупниот број епидемиолошки истражени новозаболени 38,1% имале контакт со потврден случај на ковид-19, а 21 лице (исто како и претходната недела) имале историја за патување во странство во минатите 14 дена.

    Во периодот 27 јули – 2 август се регистрирани 1.032 оздравени лица, кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, што е за 378 лица или 36,6% повеќе од претходната недела на известување (20 – 26 јули).

    Вкупно ковид дијагностицирани во земјава има 11.202, оздравеа 7.108, починаа 505, а активни се 3.589.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира