ОПШТИНА ЧАИР ИМА ДОГОВОР ЗА УРИВАЊЕ КОЈ ИСТЕКУВА УТРЕ, НО ИСЦРПЕНИ БИЛЕ ПАРИТЕ

    ОПШТИНА ЧАИР ИМА ДОГОВОР ЗА УРИВАЊЕ КОЈ ИСТЕКУВА УТРЕ, НО ИСЦРПЕНИ БИЛЕ ПАРИТЕОд Општина Чаир велат дека не можела да интервенира избраната фирма ДТУ „СОЛАС ЕКС-ИМ“ ДООЕЛ бидејќи биле исцрпени парите предвидени со договорот и затоа морале да распишат нов тендер; - Дивоградбата во трговскиот центар „Мавровка“ во центарот на Скопје.(Фото: К. Попов)

    Општина Чаир лани избрала фирма за уривање на дивоградби и договорот со неа истекува утре. Но, како што објаснуваат од Општината за САКАМДАКАЖАМ.МК, не можела да интервенира избраната фирма бидејќи биле исцрпени парите предвидени со договорот и затоа морале да распишат нов тендер.

    Лани на 6 август, градоначалникот Висар Ганиу склучил договор за отстранување на бесправно изградени објекти со фирмата ДТУ „СОЛАС ЕКС-ИМ“ ДООЕЛ од Скопје. Вредноста на договорот е 1.180.000 денари и во него стои дека тој истекува една година од денот на неговото склучување (што е утре) или по исцрпување на средствата предвидени за реализација на предметната набавка.

    „Околу 25 јули беа исцрпени средствата за уривање предвидени со претходниот договорот, со што тој автоматски истекува. Затоа ние на 27 јули распишавме нов договор за избор на фирма“, велат од Општина Чаир.

     На тендерот кој го објави Општина Чаир за уривање на дивоградби кој заврши денес, не се пријави ниту една фирма. Од Општината биле зачудени зошто не пристигнала ниту една понуда кога немаат дадено никакви посебни критериуми. Од таму велат дека утре ќе распишат нов втор тендер, кој исто така ќе трае 7 дена и ги повикуваат сите фирми да аплицираат на него.

    Пред месец и половина, на местото на кафулето „Фонтана“ коe изгоре во пожар, почна да се гради објект од цврста градба. Тогаш градоначалникот Висар Ганиу за САКАМДАКАЖАМ.МК тврдеше дека не се гради објект туку само се реновира изгореното кафуле. Откако на терен излегоа инспектори од Град Скопје, Државниот инспекторат и полицијата, градоначалникот на 23 јули одржа прес-конференција на која кажа дека пред „Мавровка“ се гради без дозвола, но не знае кој гради бидејќи на градилиштето имало само мајстори и никој не кажал кој е инвеститор. Потоа, Општината преку Службен весник му даде рок од 8 работни дена на инвеститорот да го отстрани објектот. Рокот истече вчера, тој не е урнат од инвеститорот, а сега се чека успешен втор тендер за да може тоа да го стори Општина Чаир.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира