СОБИРАЊЕТО ПОШТЕНСКИ МАРКИ Е КАКО ДЕТСКА ИГРА ЗА МЕНЕ, ВЕЛИ КЛИМЕ КОРОБАР ЗА ИЗЛОЖБАТА ВО АРХЕОЛОШКИОТ МУЗЕЈ

    СОБИРАЊЕТО ПОШТЕНСКИ МАРКИ Е КАКО ДЕТСКА ИГРА ЗА МЕНЕ, ВЕЛИ КЛИМЕ КОРОБАР ЗА ИЗЛОЖБАТА ВО АРХЕОЛОШКИОТ МУЗЕЈМарките се отпечатени во период од 1996 до 2019, и на нив може да се видат дел од теракотните икони од Виничко кале, фрагменти од мозаикот „Приказ на вселената“, нартексот на Големата базилика на античкиот град Хераклеја, неолитски предмети од теракота, Големата Мајка од Тумба Маџари, антички монети, антички накит, средновековни монети и златните погребни маски од Требениште.(Фото: К. Попов )

    Стотина поштенски марки средени во блокови се изложени во фоајето на Археолошкиот музеј, како и ФДЦ пликови издадени од Пошта на Северна Макединија со марки и пригоден печат по повод печатењето на марките, вели авторот на изложбата Климе Коробар од Асоцијацијата за култура ИКОН.

    „Ние отпечативме картички со мотивите од марките на кои е залепена марка со пригоден печат, овие картички со филателистички речник се нарекуваат максимум карти“, вели Коробар.

    Марките се подредени согласно годината на издавање од Пошта, а на нив како мотив се: Теракотните икони од Виничко кале со претстава на Даниел меѓу лавовите, Свети Христофер и Свети Шорши, Џошуа и Калеб и 42. псалам, потоа следат марки со детали од мозаиците во нартексот на Големата базилика во Хераклеја со претстави на Кербер, бик, лав, леопард и медалјон со евахаристичка престава.

    Изложбата ќе биде отворена во текот на цел месец, а влезот е слободен. (Фото: К. Попов )

    На марките со мотиви од неолитот претставени се аскоси, козорог, Големата Мајка божица и пехар сите изработени во теракота, потоа следат марки со антички монети: Ликеј, Александар Трети, Лихнидос и Александар Втори. Во делот на антиката е античкиот накит преставен преку обетки со голуби и протоми на лав. Средниот век е претставен со монет од времето на Константин Драгаш. По повод големата изложба на погребните маски од Требениште, Македонска пошта издаде пригодна марка, како и марка на која се земени детали од неолитското село од Тумба Маџари.

    „Кога се работи за колекција можам да кажам дека лично поседувам голема колекција на марки, но и на многу ФДЦ пликови, прв ден изданија од повеќе земји од кои би ги издвоил Народна Република Кина, Австрија и Германија , а воедно во колекцијата се и 800 мејл арт картички со цртежи од доста познати уметници од цел свет. Во суштина, можам да кажам дека не сум класичен филателист, јас имам одреден афинитет кон некои теми и истите ги обработувам на свој начин пред да ги средам во албум или за изложба. За големата филателистичка изложба на аеродромот во Дрезден по повод 800 години од градот учествував со избор од културното наследство на Македонија за што добив и бронзен медал. Собирањето марки, нивното средување за мене е една детска игра која ме отпушта и некогаш не знам како поминало времето“, вели Коробар.

    Изложбата е поставена во фоајето на Археолошкиот музеј. (Фото: К. Попов )

    Изложбата ја подготвил со поддршка на Пошта на Северна Македонија, Град Скопје, на Министерството за култура,  Археолошкиот музеј, Завод и музеј од Битола и од Охрид, кои во текот на припремата на изложбата му помогнале со фотографии од нивните архиви.

    Изложбата ќе биде отворена во текот на цел месец, а влезот е слободен.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира