Израелска компанија за накит изработува маска од злато со дијаманти, за која вели дека ќе биде најскапа маска за заштита од коронавирус, вредна 1. 5 милиони долари. Дизајнерот Исак Ливај кажа дека маската од 18-каратно бело злато ќе биде декорирана со 3.600 бели и црни дијаманти, и по барање на купувачот, ќе биде опремена со највисоко заштитни N99 филтри.
Ливај, сопственик на компанијата „Ивел“ рече дека купувачот имал две барања: маската да биде готова до крајот на годината, и да биде најскапа на светот.
„Второто барање беше најлесниот дел од нарачката“, вели тој и не го открива идентитетот на купувачот, само кажува дека станува збор за кинески бизнисмен кој живее во САД.
Со тежина од околу 270 грама, што е за 100 пати повеќе од стандрардните маски, златната маска нема да биде удобна за носење.
„Не се купува сѐ со пари, но ако човек има пари и сака да носи скапа маска, нека носи. Јас сум среќен дека со оваа зделка, има работа за моите вработени во овие тешки времиња“, рече дизајнерот.