Жителите на велешката приградска населба Превалец ги пребројуваат штетите од невремето во саботата попладне. Дел од земјоделците се жалат дека родот кој го имале собрано е уништен од надојдената вода, а дел од мајсторите дека им се уништени работилниците и алатите. Угината е и ситна живина, кокошки, како и домашни миленици, кучиња.
„Материјалната штета е голема, нема семејство кое е покрај Тополка или покрај каналот кој ја носи водата до Раштани да нема штета. Денес со семејството, блиските расчистуваме, да видиме што може да се спаси. Апаратите за домаќинството, фрижидери, машини за перење, телевизори се неупотребливи“, вели жител на населбата.
Под мостот, кој ги спојува Велес и Општина Чашка, закачено е големо количество на дрвја и гранки, за кои директорот на ЈКП Дервен Тони Јовиќ најави дека ќе бидат расчистени утре, но рачно, бидејќи механизацијата не е можно да работи на мостот. Оштетени се околу 200 метри од фекалната канализација во населбата. Фудбалското игралиште на третолигашот ФК Превалец е под вода.
Градоначалникот Коцевски го повика жителите на населбата што поскоро да ги пријават штетите, за да може комисијата да излезе на терен и започне со работа. Тој на најпогодените семејства ќе им додели финансиска помош од по 50 илјади денари. Општинскиот Црвен крст од Велес дели пакети со храна и хигиенски средства на најпогодените семејства во Превалец.
„Поплавата во Превалец е резултат на невремето и големото количество на вода кое надошла од Раштани, Бузалково и Гроот. Никако поради каналот, тој беше исчистен но не можел да спроведе толкаво количество вода. Штетите се поради ударниот поплавен бран. ЈВП Лисиче донело мудра и добра одлука во саботата вечер, браната на ХС Лисиче да ги апсорбира надојдените води од реките Тополка, Врановска и Мелничка, кои вечерта имале голем дотек. Тој околу 20 ч. изнесувал 31 м3/сек, за да околу полноќ изнесува 45 м3/ сек. Можеме да замислиме што ќе се случело, ако овие води не се акумулирале и биле оставени да истечат. Колкави ќе беа штетите од поплавниот бран во населбата Превалец тогаш“, рече градоначалникот Коцевски.
П. ПЕЧКОВ