Нема недостиг на крв во земјава и покрај коронакризата, велат директорот на Институтот за трансфузиона медицина (ИТМ), д-р Седула Усени и прим. д-р Горан Андонов, раководител на Одделението за организација, планирање и реализација на крводарителство во ИТМ. Д-р Андонов вели дека кога почна коронакризата во март, со директорот направиле состанок знаејќи, вели, дека нѐ очекуваат тешки времиња и се договориле да преземат повеќе активности за да се спречи недоостиг на крв од дарителите. Институтот, вели тој, има годишен план во кој се планирани преку 800 акции и 55 илјади дарувања. Во првите шест месеци од годинава имало 20 илјади дарувања.
„По тој план работиме десетина години, разработен е и секако трпи промени, па така и во оваа ситуација. Во ниту еден момент од почетокот на коронакризата немаше апел за недостиг на крв. Можеби за тромбоцитите, но тоа е затоа што тие живеат само пет дена и фамилијата не е упатена дека треба ние да најдеме, не они.
Разговаравме и со стручните директори во приватните болници. Разговаравме дека состојбата е таква како што е и за да не биде загрозен животот на пациентот, би било добро да помогне и семејството, во смисла дека е добро да се подигнува свеста за крводарителството, дека можат да помогнат. Не конкретно само на членот на семејството, може ќе се искористи за некој друг, ќе се помогне. Но, тоа беше само план, на почетокот на кризата која беше најтешко. Јас се борам и во последните 10 години нема ниту еден фамилијарен дарител. Ние се гордееме со тоа. Сѐ ќе направиме за да не се вклучи семејството“, вели д-р Андонов, кој и самиот дарувал крв над 80 пати.
Д-р Усеини вели дека во Скопје во моментов има 500 единици крв, околу 1.500 во цела земја.
„Точно, сега е намален и бројот на операции, освен итните случаи“, вели тој и додава дека преку систем и табели постојано се следи ситуацијата со крв низ цела земја.
Усеини и Андонов велат дека на почетокот на коронакризата имале потешкотии со психолошката подготвеност на луѓето и стравот да не бидат заразени, но сметаат дека преку лични примери, кога и двајцата дарувале крв, како и повеќе доктори, народот се охрабрувал постепено и се донирале крвни единици.
„Во еден град, кога отидовме на терен да земаме крв бегаа од нас како да имаме лепра“, вели Андонов, а Усеини го надополнува дека на Институтот била воведена железна диспциплина, со строги протоколи и максимално почитување на сите заштитни мерки и за вработените и за крводарителите. Од 400 вработени само 5 биле заразени со ковид-19, кои се заразиле надвор од работното место.
„Од 20 илјади крводарувања, ниту еден немаше заразен. Нема шанси некој да ни влезе со температура од над 37 степени. Каде и да оди екипата на терен, на пример општина, фабрика, половина час претходно целосно се дезинфицира просторот, па потоа се мести опрема, се поставуваат кревети, се воспоставува ред при дарување, со мерење температура, држење дистанца, маски и слично, велат трансфузиолозите.
Директорот рече дека со д-р Андонов ја следат структурата на крводарителите, и откако забележале одредени разлики, решиле да направат стратегија заедно со Црвен крст како да се развие крводарувањето во одредени популации, преку подигнување на свеста.
„Сметам дека во последниве 2-3 години имаме доста успех, пособено во западниот дел на земјава, со Црвен крст Тетово, Гостивар и Кичево и со Регионалниот центар за трансфузиологија во Тетово. Тие организираат крводарителски акции секој петок после верскиот ритуал и има успех“, кажа директорот, кој е трансфузиолог и хематолог.
Анализите покажуваат и дека просечната старосна граница во земјава е доста висока, 47 години, и затоа Институтот направил проект почесто да се присутни во средните училишта за учениците со полни 18 години и на факултетите. Докторите гордо потенцираат дека за време на најстрогите мерки за движење, кога и не одеа децата на настава, со големи тимови и логистика успеале да организираат крводарителски акции за млади лица.
„Таргет ни се средните училишта, исто така и албанската популација, да нема фама и страв. Повозрасните граѓани имаат шеќер, висок притисок, триглециреди, замастена е плазмата, па мора да ја фрлиме. Затоа сакаме кај младите да создадеме мислење дека е привилегија да бидеш крводарител, тоа е привилегија на здрав човек. Има болни нѐ молат да дадат крв, со висок притисок. Таа крв треба да ја прими некој, може некое бебе од 800 грама во инкубатор. Мора да внимаваме на примателот“, кажува д-р Андонов.
Двајцата доктори наведуваат дека Институтот за трансфузија е успешна приказна, со голем број пофалби и високи оценки за безбедноста на крвните единици, па дури и дека има побарувачка од странски оператори за крвна плазма. Македонија располага со вишок на крвна плазма, која се чува во специјални комори на темпертура од минус 30 и може да стои 3 години.
Во однос на донирање на конвалесцентната плазма за лекување на болни од ковид-19, Усеини вели дека досега се собрани 65 единици, а искористени се 56 единици за пациенти со активна болест ковид-19.
„Тоа не е стандардна процедура, во светот сѐ уште се води како истражувачка процедура, и засега е единствена терапија во овој момент за коронавирус. Досега имаме 300 пријавени, но правиме онолку колку што имаме побарувачка од Инфективна клиника, а од скоро и од Градската општа болница ‘8 Септември’ , со цел да не се натрупуваат залихи и да не биде искористен. Таа се чува на минус 20 и може да остане шест месеци“, вели директорот.
„Ние сите крводарители ги прогласуваме за херои на модерното време“, вели д-р Андонов.
Б. НЕСТОРОСКА