И на вториот тендер распишан од Општина Чаир за уривање на дивоградби не се јави ниту една фирма. На тендерот кој траеше до вчера не стигнала ниту една понуда, па Комисијата за јавни набавки во Општината го поништила тендерот и со тоа пак не е избрана фирма која треба да ја отстрани дивоградбата пред ТЦ „Мавровка“.
„В понеделник со одделението за јавни набавки на Општината ќе имаме состанок за да видиме како според Законот за јавни набавки да постапиме, за да можеме да избереме фирма за уривање, а да не ни се случуваат и во иднина неуспешни тендери“, велат за САКАМДАКАЖАМ.МК од Општина Чаир.
Кој ја гради дивоградбата кај „Мавровка“ сѐ уште не се знае. Бидејќи Општина Чаир не може да го открие инвеститорот во случајот се вклучи и Министерството за внатрешни работи од каде пред една недела соопштија дека имале основни сомневања кој гради на диво во центарот на Скопје и доказите ги предале на Основното обвинителство. Од МВР не кажуваат кој е инвеститорот за кои имаат сомневања.
Од Обвинителството до сега нема покрената постапка за овој предмет.
Дивоградбата пред „Мавровка“ се гради на местото на кафулето „Фонтана“, кое изгоре во пожар на 1 мај годинава.
А. АНТЕВСКА