ТЕТОВЦИ СТРАВУВААТ ОД БАНКАРСКИ КОРОНАКЛАСТЕР ПОРАДИ ГОЛЕМИТЕ ГУЖВИ ЗА НОВИ ТРАНСАКЦИСКИ СМЕТКИ ОТКАКО СЕ ЗАТВОРИ „ЕУРОСТАНДАРД БАНКА“

    ТЕТОВЦИ СТРАВУВААТ ОД БАНКАРСКИ КОРОНАКЛАСТЕР ПОРАДИ ГОЛЕМИТЕ ГУЖВИ ЗА НОВИ ТРАНСАКЦИСКИ СМЕТКИ ОТКАКО СЕ ЗАТВОРИ „ЕУРОСТАНДАРД БАНКА“Пред некои банки има редарска служба но, тие само внимаваат еден по еден клиент да влегува во банката и воопшто не се грижат што не се запазува препорачаното растојание меѓу луѓето, додека пред некои банки влегува кој како ќе стаса и кој е појак да се истурка до влезот. (Фото: СДК.МК)

    Затварањето на „Еуростандард банка“ ги натера тетовци уште од рано наутро да застанат пред другите банки во градот за да отворат нови трансакциони сметки. Но, поразително е она што се случува пред банките. Десетици и десетици луѓе, густо збиени еден до друг, некои со заштитна маска но многумина и без неа, чекаат на ред да влезат во банките и да завршат работа. Пред некои банки има редарска служба но, тие само внимаваат еден по еден клиент да влегува во банката и воопшто не се грижат што не се запазува препорачаното растојание меѓу луѓето, додека пред некои банки влегува кој како ќе стаса и кој е појак да се истурка до влезот.

    Граѓаните кои преку „Еуростандард банка“ добивале социјална помош, додаток за детска заштита и згрижувачките семејства до 25 август треба да отворат нови сметки. Депозитите на граѓаните во „Еуростандард банка“ се осигурени и ќе бидат обесштетени од Фондот за осигурување на депозити (ФОД), а исплатата ќе почне во рок од 20 дена, откако на 12 август Народната банка (НБМ) ја укина дозволата за основање и работење на банката.

    „Дојдов час и половина пред отварањето на банката за да фатам ред. Ми дадоа бројче, бев шеесети по ред. Се вратив кога ја отворија банката, но тогаш ми рекоа дека давале други бројчиња и еве сега седам, а воопшто не знам дали денеска ќе успеам да завршам работа. Еднаш се влегува со бројче другпат без бројче, вистински хаос“, вели еден тетовец во редицата.

    „Нема никаков ред, кој дојде веднаш се турка прв да влезе, не се почитува никој и никого. А тоа што не се внимава на препораките за држeње дистанца и носење заштитна маска и да не зборувам. Еве видете и самите како се однесуваат поголемиот дел од луѓето“, вели друг.

    „Мора да се продолжи рокот за вадење трансакциона сметка во другите банки, не може за два-три дена оваа работа да се заврши. Вака само се создаваат турканици и многу лесно може да се јави уште еден кластер заразени, овој ќе биде банкарски кластер“, реагираат голем број нервозни граѓани кои уште од рано утро чекаат во редица за да извадат нова трансакциона сметка.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира