Невладината организација „Еко-свест“ најстрого ги осудува последните случувања со катастрофалното уништување на реките во државава за изградба на мали хидроелектрани. Последен ваков случај за кој реагираа и многу жители на Скопје е уништување на горниот тек на Маркова река заради изградба на мала хидроелектрана, предупредува „Еко-свест“ во денешната реакција до медиумите.
„Во услови кога последиците од климатските промени зачестуваат и се зголемуваат во интензитет, ние како земја во развој која нема финансиски средства да се справи со овие последици, едноставно не можеме да си дозволиме да останеме без водените ресурси од кои зависиме за вода за пиење, вода за земјоделието и вода за одржување на скапоцени екосистеми“, вели Ана Чоловиќ-Лешоска од оваа организација.
Последниот извештај на Обединетите нации за влијанието на климатските промени врз водените ресурси од март 2020 година укажува на проблем со се позачестени и продолжени сушни периоди кои веќе предизвикуваат сериозен недостиг на вода во многу делови од светот. Според овој извештај дури 2.2 билиони луѓе во светот денес немаат пристап до вода за пиење, а се очекува овој број забрзано да расте до 2050 година. ООН предупредува и дека продолжените сушни периоди ќе предизвикаат зголемување на болести, недостиг на храна и раселување на населението. Токму затоа се препорачува државите да им дадат приоритет на водените ресурси во планирањето на сите политики.
„Оваа летна сезона сведочиме и на драстично повлекување на Преспанското езеро, како и пресушување на многу од реките во земјата, а земјоделците се соочени со потешкотии поради периоди на продолжена суша во услови на зреење на плодовите кога водата е најпотребна за да се добие производ со добар пласман“, вели оваа невладина.
Изградбата на малите хидроелектрани во недопрени и природни предели со повеќе од познатата лоша градежна пракса, ја уништуваат геоморфологијата на реките, биодиверзитетот, природните вредности и екосистемските услуги кои овие предели ги овозможуваат за луѓето (чист воздух, чиста вода за пиење). Во нeдостиг од инспекциска контрола и надзор, овие зафати стануваат чести мини еколошки катастрофи низ земјата.
Според „Еко-свест“, во вакви услови очигледно е дека изградба на мали хидроелектрани е неразумно и неоправдано бидејќи во блиска иднина ние ќе се соочиме со хидроелектрани на суви речни корита.