Кинематограферот од Финска Јани Петери Паси ја освои Златната Камера 300 за филмот „Најсреќниот ден во животот на Оли Маки“ и победи на 37. фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, што заврши вечерва во Битола.
„Тој создава една автентична и лирична атмосфера која ја обзема публиката и го доловува духот на времето и уникатното искуство на главникот лик“, се вели во образложението на жирито.
Јани Петери Паси и неговата екипа за првпат правеле долгометражен филм и сосем изненаден и со неверување ја прими наградата.
„Дали сте сигурни дека нема да ми ја земете? На церемонијата на отварањето бев сведок на перформанс каде што девојка со митралез покажуваше кон публиката каде што седеше и Претседателот на државата. Тоа беше многу чудно, но уште почудно е тоа што јас добивам награда“, рече Паси.
Добитник на Сребрена Камера 300 е Рубен Импенс од Белгија за филмот „Белџика“.
„Сакам да ги снимам луѓето на сцена, па навистина е тешко кога јас сум на сцената. Би сакал да ѝ се заблагодарам на жена ми која е овде, за сета поддршка што ми ја пружа, бидејќи ова не е регуларна осумчасовна работа и на моменти станува премногу напорно“, рече Импенс, додавајќи дека во Битола треба да се направи аеродром, за патот до фестивалот да биде пократок.
Бронзената Камера 300 ја доби Матијас Троелструп од Данска, за филмот „Бенг генг (Модерна љубовна приказна)“. Добитник на Мала Камера 300 од селекцијата на кратки филмови е кинематограферот Лука Коасин од Франција, за филмот „Паркот“.
Федон Папамихаил, претседателот на жирито воедно ја доби и наградата Златна камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност.
Горјан Тозија, во име на Друштвото на филмски професионалци од Македонија, наградата „Голема ѕвезда“за исклучителни резултати во македонската кинематографија му ја додели на филмскиот продуцент Сајмон Пери.
„Сајмон Пери е човекот без кого македонската кинематографија немаше да биде ваква каква што е и немаше да го има својот најголем успех со филмот ’Пред дождот’. Тој го препозна Милчо Манчевски и потенцијалот на филмот и застана цврсто и самоуверено зад тој проект. Сајмон Пери е човек кој им овозможи на многу млади и непознати режисери да го остварат својот сон. Во тие турбулентни години за Македонија како држава, тој се бореше и како продуцент и како човек кој ја чувствува Македонија како своја земја“, рече Тозија.
Сајмон Пери рече дека е навистина почестен.
„Не можам да тврдам дека сум од Балканот, но се сеќавам дека по една прес- конференција некој ми рече ’Мислам дека сте од Македонија, имате големи стапала!’ Сум продуцирал и копродуцирал филмови во многу земји, но благодарение на Милчо Манчевски интензивно се заинтересирав за филмовите кои се создаваат во овој дел од светот и тој интерес со текот на времето стануваше сѐ поинтензивен. Кога и да дојдам се чувствувам како дома и навистина ми претставува голема чест и задоволство да добијам награда од луѓето во овој дел од Европа“, рече Пери.
Фестивалот затвори со премиерата на македонскиот филм „Златна петорка“, дебито на Горан Тренчовски, а проекцијата беше посветена на косценаристката Билјана Гарванлиева која почина минатата недела во Берлин. Филмската екипа предводена од режисерот горан Тренчовски доби стоечки аплаузи од публиката. Во филмот е раскажана трагедијата на петтемина струмичани кои во 1951 година биле убиени од УДБА, зашто сонувале за независна Македонија. Пораката на филмот е содржана и во последната реплика на ликот Алавантие Донски: „Никогаш повеќе да не се повтори за идеја да се убива и за мисла да се умира!“