Берлинската полиција го растури денешниот протест против коронамерките во центарот на градот, бидејќи присутните не се придржувале до мерките воведени за да се спречи ширењето на вирусот.
„За жал, немавме друг избор. Му пристапивме на лидерот на протестот и го информиравме дека тој ќе биде прекинат од полицијата“, соопшти берлинската полиција на Твитер.
Таа додаде дека учесниците на протестот не ја одржувале потребната дистанца едни од други и најголем дел од нив не носеле маска.
Градските власти претходно се обидоа да го спречат одржувањето на протестот, но тој беше одобрен со судска одлука. Полицијата кажа дека протестот привлекол околу 18.000 луѓе. Протестот беше организиран од едно движење од Штутгарт, кое смета дека коронамерките се спротивни на основните права и слободи загарантирани со германскиот устав и затоа треба да биде тргнати.