ПЛАГИЈАТ НА СКУЛПТУРА ОД АМЕРИКАНСКИ УМЕТНИК ИЗЛОЖЕНА НА СТРУШКИТЕ ВЕЧЕРИ НА ПОЕЗИЈАТА

    ПЛАГИЈАТ НА СКУЛПТУРА ОД АМЕРИКАНСКИ УМЕТНИК ИЗЛОЖЕНА НА СТРУШКИТЕ ВЕЧЕРИ НА ПОЕЗИЈАТАВо 1993, американскиот уметник Џим Санборн го изложи делото „Прикриена излитеност: Кодна соба“ во музејот на уметност Коркоран во Вашингтон (лево), а синоќа во Паркот на поезијата во Струга беше поставена иста светлечка инсталација со стиховите од „Т'га за југ“ (десно). (Фото: Џим Санборн/Фејсбук)

    Светлечката инсталација со стиховите од „Т’га за југ“ поставена вчера во Паркот на поезијата во Струга по повод 59. Струшки вечери на поезијата (СВП) е всушност плагијат на познатото дело на американскиот уметник Џим Санборн.

    Во 1993, Санборн го изложи делото „Прикриена излитеност: Кодна соба“ во музејот на уметност Коркоран во Вашингтон. Делото е цилиндер во кој се врежани зборови и осветлен однатре ги проектира зборовите во околината.

    Интересно е дека струшкиот обид не е првпат да се копира ова дело – во 2015 една канадска архитектонска група изложи слична инсталација во парк во Торонто, а Санборн остро реагираше и најави тужба.

    „Ова е нешто што јас го правам 23 години и малку ми е тешко да сварам кога гледам ваков вид на плагијаторство“, изјави тогаш Санборн.

    Инсталацијата на СВП е поставена синоќа во рамките на програмата Веросполис која се одвива на терасата на хотелот „Дрим“. СВП не објави кој е авторот на инспаталцијата но вчера ја најави со објава на Фејсбук во која се вели: „Поезијата ја исполнува празнината која оние 2 метри безбедна дистанца ја оставаат, и како мост нѐ поврзува, спојувајќи илјадници светови и јазици. Поезијата, како единствен, универзален јазик на универзумот, покрај метафорички, вечерва може и физички да нѐ допре, преку танцот на светло и сенки во паркот на поезијата“.

    Најстариот поетски фестивал во земјава почна во петокот, завршува вечерва со традиционалната манифестација Мостови, a годинашен лауреат на Златниот венец е израелскиот поет Амир Ор. Поради коронакризата, годинашното издание на СВП е во хибридна форма, со видеочитања од странските поети и физичко присуство на домашните автори. Годинашен добитник на поетската награда „Браќа Миладиновци“ е поетесата Ива Дамјановски, за нејзината прва стихозбирка „Двоумење“ (Издание на ПНВ Публикации). Дамјановски (24) е најмладата добитничка на оваа награда, а ја промовираше „Двоумење“ во јуни.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира