ПИСАТЕЛОТ ВАСИЛ ТОЦИНОВСКИ ЈА ДОБИ НАГРАДАТА ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО „КОЛЕ НЕДЕЛКОВСКИ“

    ПИСАТЕЛОТ ВАСИЛ ТОЦИНОВСКИ ЈА ДОБИ НАГРАДАТА ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО „КОЛЕ НЕДЕЛКОВСКИ“Во чест на добиената награда во дворот од спомен куќата на Неделковски, до неговата биста, во родната Војница, Тоциновски денес засади дрво. (Фото: СДК.МК)

    Писателот и публицист Васил Тоциновски е годинешен добитник на наградата „Коле Неделковски“, која се доделува за животно дело од Клубот на писатели „Коста Рацин“. Признанието, кое се доделува по четврти пат беше врачено денес, на одбележувањето на 79-годишнината од смртта на поетот Неделковски.

    „Пред македонската и светската јавност Тоциновски е познат како научен работник, истражувач на македонската и велешката литературна историја. Особен придонес има во откривањето на непознати страници од историјата на Македонскиот литературен кружок во Софија. Тој има големи заслуги во откривањето на животната судбина и литературното дело на дводомните писатели од македонско потекло, за Македонците кои живееле и твореле во туѓа јазична средина“, рече Лила Арсова, претседателка на Клубот.

    Таа потсети дека во 1997  излезе, засега единствената монографија посветена на на животот и делото на Коле Неделковски, чиј автор е токму Тоциновски, за што следната година ја доби наградата на Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ) за најдобра книжевна критика и есеистика „Димитар Митрев“. Во чест на добиената награда во дворот од спомен куќата на Неделковски, до неговата биста, во родната Војница, Тоциновски засади дрво.

    „Наградата ‘ Коле Неделковски’ претставува и чест и задоволство но повеќе и обврска, со која се заокружува една приказна, која содржи имиња и презимиња – личности автори, кои се гордост на нашата македонска книжевна традиција, континуитет и културен идентитет. Коле Неделковски е една од крупните, значајни фигури во создавањето на современата македонска литература. Заедно со Кочо Рацин, Венко Марковски, Мите Богоевски, Ацо Караманов ги удираат темелите на современата македонска книжевност, на македонскиот литературен јазик. Неделковски е извонредна појава оти сопствениот развој го гради и изедначува со судбината на својата татковина“, рече  Тоциновски.

    Организатор на чествувањето беше Клубот на писатели „Кочо Рацин“, а во спомен куќата на Неделковски во село Војница се одржа и поетско читање, посветено со дела за поетот. Коле Неделковски е роден во селото Војница, близу Велес, 1912 година. Кон крајот на 1939 ја издава својата прва стихозбирка „М’скавици“, на македонски јазик, во духот на македонската народна песна. Во август 1941  излегува од печат неговата втора книга „Пеш по светот“ . На 2 септември 1941, Коле Неделковски го завршува својот живот во Софија, при обид на бугарската полиција да го уапси во станот во кој живеел. Останува неразјаснето дали бил фрлен од полицајците или самиот скокнал преку прозорецот на неговата соба. Но, постои и дилемата кога починал Неделковски, оти на куќата од која скокнал, неколку децении стоеше спомен плоча на која е забележано дека умрел на 1 септември, а информацијата за неговата смрт, софиските весници ја објавиле на 2 септември.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира