Тоа е место каде што посветен фан ќе може да потроши 535 фунти на кристален бокал, 110 фунти на јакна или 15 фунти на памучна заштитна маска, сето тоа означено со црвен јазик.
„Ролинг стоунс“ денеска ја отвори својата прва постојана продавница на светот, што се наоѓа на улицата Карнаби во лондонскиот Вест Енд. Таму ќе се продава сѐ и сешто со логото на групата, од маици, дуксери и кожни јакни до приврзоци, перциња за гитара и отворачи за шишиња. Бендот ја отвори продавницата во соработка со трговската компанија „Бравадо“.
„Целта беше да создадеме нешто повеќе од продавница. Сакаме фановите и муштериите да доживеат посебно искуство“, изјави извршниот директор на „Бравадо“, Дејвид Бојн.
Групата исто така соработуваше со разни брендови за производите што можат да се купат во продавницата.
„Зошто отвораме продавница среде пандемија? Тоа е тој наш вечен оптимизам“, кажа Џегер во видеото снимено за отворањето.
Ако проектот се покаже успешен, планирано е продавници да се отворат и во Њујорк, Бразил и во други европски градови.