Водечки бразилски експерт за амазонски племиња е убиен со стрела која го погодила во градите кога се доближил до една изолирана група. Педесет и шестгодишниот Риели Франсискато загинал во зафрлен предел во северозападен Бразил, каде што набљудувал едно племе во рамките на неговата работа за владината агенција за заштита на домородците, Фунаи.
„Франсискато беше извонреден, сериозен и посветен професионалец“, соопштија од Фунаи.
Оттаму додаваат дека домородната група која ги нападнала него и неговите придружници нема способност да разликува дали некој од надворешниот свет е пријател или непријател. Франсискато успеал да ја извлече стрелата што го погодила над срцето, но набргу потоа починал.
Фоторепортерот Габриел Ушида, кој бил сведок на настанот, изјави дека Франсискато набљудувал изолирана група од реката Каутарио.
„Племето вообичаено е мирољубиво, но ова беа петмина вооружени, воинствени мажи“, изјави Ушида.
Амазон е дом на околу 100 изолирани племиња.