Премиерот Зоран Заев на денешната средба со грчкиот колега Кирјакос Мицотакис кажа дека воспоставеното партнерство засновано на доверба и пријателство односите меѓу двете земји се трансформираа во сојузништво кое е потврдено и со членството на нашата земја во НАТО, соопштија од Владата. Грција, вели Заев, останува силен лобист и поддржувач на нашата земја во претстојниот процес на преговори со Европската Унија која треба да започне со првата меѓувладина конференција за време на претседавањето на СР Германија со Советот на ЕУ.
На средбата присуствуваа и заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, заменик-претседателот задолжен за европски прашања Никола Димитров, и министерот за надворешни работи Бујар Османи.
„Двајцата премиери на средбата разговараа и за идната соработка и спроведување на одредбите од Акциониот план од Договорот од Преспа, меѓу кои приоритет има континуитетот на работата на заедничките комитети на експерти за историските, образовните и археолошките прашања, како и работата на Комитетот за бизнис дијалог за изнаоѓање решенија за заштитените марки и брендови и за дополнително поттикнување на политиките што треба да ги олеснат бизнис релациите. Во таа насока на средбата се разговараше за создавање услови за поголема економска соработка и за интензивирање на интерконекцијата за природен гас меѓу двете земји за што постои финален договор кој наскоро треба да биде потпишан“, се вели во владиното соопштение.
Двајцата премиери разговарале и за справувањето со пандемијата со КОВИД-19 и се согласиле дека солидарностa и соработката на ЕУ со Западен Балкан во таа насока треба да продолжи и да се надгради со вклучување на регионот во политиките на ЕУ за економско закрепнување на земјите од Европа.