ВЛАДАТА ЌЕ ГИ ОХРАБРИ ПРИВАТНИТЕ КОМПАНИИ ДА ГИ ПОДДРЖАТ МЕЃУЕТНИЧКИТЕ ОДНОСИ, ВЕЛАТ ОД КАБИНЕТОТ НА ЗАЕВ ПО ИЗЈАВАТА НА ГРУБИ ЗА СУБВЕНЦИИ ПО НАЦИОНАЛЕН КЛУЧ

    ВЛАДАТА ЌЕ ГИ ОХРАБРИ ПРИВАТНИТЕ КОМПАНИИ ДА ГИ ПОДДРЖАТ МЕЃУЕТНИЧКИТЕ ОДНОСИ, ВЕЛАТ ОД КАБИНЕТОТ НА ЗАЕВ ПО ИЗЈАВАТА НА ГРУБИ ЗА СУБВЕНЦИИ ПО НАЦИОНАЛЕН КЛУЧГруби вчера и денеска изјави дека вработувања во приватен сектор по национален клуч било ветувано во изборната кампања на ДУИ и прифатено во владината програма - Артан Груби и Зоран Заев на приемот на новата влада кај претседателот Стево Пендарвоски на 31 август. (Фото: Ѓ.Личовски)

    Владата ќе ги повика и охрабрува приватните фирми да ги поддржат добрите меѓуетнички односи и во нивните средини, велат од кабинетот на премирот Зоран Заев за САКАМДАКАЖАМ.МК по изјавата на вицепремиерот Артан Груби дека ќе се субвенционираат компаниите кои ќе вработат припадници на малцинските етнички заедници.

    Груби вчера и денеска изјави дека вработувања во приватен сектор по национален клуч било предвидено во изборната кампања на ДУИ и прифатено во владината програма. Тој не знае како тоа би се извело бидејќи станува збор само за идеја и уште не се  разговарало со компаниите што мислат за ова, ниту пак во Владата се размислувало како ќе се реализира проектот.

    По ваквите изјави на вицепремиерот САКАМДАКАЖАМ.МК постави прашање до кабинетот на премиерот Заев дали Владата е сериозна во намерата да дели субвенции на приватни фирми за вработувања по национален клуч. Од таму ни одговорија:

    „Согласно програмата за работа на Владата во делот за еднакво општество, Владата ќе го повика, охрабри и ќе соработува со бизнис секторот т.е домашните и странски компании да ги поддржат добрите меѓуетнички односи и вредностите на толеранција, застапеноста и меѓусебна доверба и во нивните работни средини, за да се искористи целокупниот човечки потенцијал со кој располага нашата земја“.

    Од Владата дополнуваат дека Владата ги помага и ќе ги помага компаниите за вработување на сите невработени граѓани, преку еднаков пристап кон сите граѓани и компании кои имаат потреба од таква поддршка. Општествата во услови на криза треба да се засноваат на компетититвност на квалитети од различна припадност, како и на поддршка на најранливите заедници.

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира