Градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев испрати барање до полицијата за зголемени патроли во близина на салата „Борис Трајковски“, како и евентуални дежурства во попладневните часови, за време на викендот и претстојните денови. Барањето на општината до СВР-Скопје следува откако претходните четири дена таму гори дива депонија.
Паралелно со барањето до полицијата, Општина Карпош почна со чистење на депонијата, а и самата најави дека ќе испрати двајца комунални редари да дежураат по 16 часот.
Од Општина Карпош соопштија и дека изминативе три години континуирано работи на чистење на депониите.
„Затворена е децениската депонија кај хотелот ‘Александар Палас’, во Злокуќани (кај фудбалското игралиште), како и во Бардовци (долж Лепенец). Исто така, целосно се исчисти и се израмни теренот кај мостот ‘Газела’, кој прераснува во нов парк. Борбата за почиста животна средина е борба на сите нас“, велат од Општина Карпош.
М. ИЛИОСКИ