Собраниските служби ги истакнаа биографиите на замениците министри што ги предложи премиерот Зоран Заев, за пратениците во текот на викендот да ги прочитаат и проучат.
Башким Хасани, професор по физичко воспитување е предложен за заменик на министерот кој раководи со Министерството за одбрана. Тој со ова образование досега бил заменик директор на Финансиска полиција.
Назим Буши треба да оди на заменичкото место во Министерството за внатрешни работи. Буши завршил воена академија во Задар и Педагошки факултет во Скопје, доаѓа од местото претседател на одборот на директори на Телеком. Професорот на Тетовскиот универзитет Агим Нухиу оди заменик министер во Министерството за правда. Тој беше по два пати досега заменик и министер за внатрешни работи.
Илхан Рахман е дипломиран политолог, тој е од турската заедница и е предложен за заменик министер за политички систем и односи меѓу заедниците, додека Фатмире Исаки, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за надворешни работи. Таа е професорка по англиски јазик, кадар на ДПА.
За заменик-министер за финансии е предложен Димитар Ковачевски, вонреден професор на Американ колеџ Скопје, бил директор во Телеком и во ВИП. Економистот Зоран Маневски, поранешен државен секретар во транспорт и врски и во економија, е предлог за заменик-министерското место во Министерството за економија, а досегашниот министер за земјоделие, земјоделскиот инженер Трајан Димковски станува заменик министер во истиот ресор.
Лекарот Илир Хасани, врвен стручњак во трауматологијата, поранешен директор на Ургентниот центар и на Клиниката за трауматологија, асистент на Медицинскиот факултет, научник и наш претставник во најреномираните светски асоцијации од областа на трауматологијата ќе биде заменик министер за здравство.
Арафат Шабани, професор по педагошка психологија, поранешен декан на Тетовскиот универзитет е предложен за заменик-министер за образование и наука. Енвер Хусејин од Турската демократска партија, дипломиран наставник по одделенска настава, кој бил поранешен државен секретар во Министерството за труд и социјална политика доаѓа на заменичкото место во овој ресор.
Долгогодишниот новинар и уредник Зоран Димитровски, кадар на Демократскиот сојуз е предложен за заменик на министерот кој раководи со Министерството за локална самоуправа. Александар Бајдевски, економист (сметководствен менаџмент) останува на местото заменик-министер за информатичко општество и администрација.
Седат Сулејмани, кој дипломирал општествени науки и работел во приватен бизнис, е предложен за заменик-министер во ресорот култура. Во биографијата, во социокултурни активности навел дека е основач на невладини организации за култура и уметност и менаџер на проект „Братството не бира граници“ и „Традиционални уметнички ракотворби“ во соработка со две општини од Турција.
Беким Реџепи ќе биде заменик на министерот кој раководи со Министерството за транспорт и врски. Тој е дипломиран правник. Беше член на Судскиот совет. Христина Оџаклиеска, доктор по географски науки е планер за заштита на животната средина и природното наследство, предложена е за заменик министер за животна средина и просторно планирање, како кадар на партијата ДОМ.
Собраниската седница за расправа и избор на замениците министри е закажана за вторник.
С. К. ДЕЛЕВСКА