ПО ПЕТ ГОДИНИ БИТОЛА НАЈДЕ ПАРИ ЗА РЕКОНСТРУКЦИЈА НА ДЕЛНИЦА ОД ПАТОТ ШТО ВОДИ ЗА ПЕЛИСТЕР

    ПО ПЕТ ГОДИНИ БИТОЛА НАЈДЕ ПАРИ ЗА РЕКОНСТРУКЦИЈА НА ДЕЛНИЦА ОД ПАТОТ ШТО ВОДИ ЗА ПЕЛИСТЕРОвој дел од патот за Пелистер не е обновен подолго време, има крпеници, тесен е, а при обилни врнежи дождот го носи чаклот кој беше поставен крај коловозот како еден вид проширување. (Фото: СДК.МК)

    Општина Битола со одлука на Советот издвои над 25 милиони денари за реконструкција на патот што води за Националниот парк Пелистер, на потегот од месноста Црвени Петли до потпелистерските села Трново кон Магарево. Овој дел од патот за Пелистер не е обновен подолго време, има крпеници, тесен е, а при обилни врнежи дождот го носи чаклот кој беше поставен крај коловозот како еден вид проширување.

    „Кон Потпелистерието беа насочени 64милиони денари, од кои што се реализирани педесет проценти во колекторскиот систем и пречистителната станица и инфраструктурниот дел кој што е спроведен. Со ребалансот на буџет се обезбедени средства за веќе извадена градежна дозвола и техничка документација за патот од Црвени Петли кон Трново и Магарево, со што ќе се подобри и патната инфраструктура, односно коловозот, за да граѓаните имаат пристап кон планината“, рече градоначалничката Наташа Петровска.

    Токму оваа делница е една од пооштетените на единствената сообраќајна врска што Битола ја поврзува со Пелистер. Последната реконструкција на патот за Националниот парк беше пред пет години, кога се интервенираше од Детското одморалиште до хотел „Молика“ во вредност од 6 милиони денари и во должина од 6 километри. Во иднина неопходна е реконструкција на поголем дел од патот за Пелистер, кој е регионален и во надлежност на државата, како и негово проширување зашто на одредени кривини одвај можат да се разминат две возила.

    Според Просторниот план на Националниот парк Пелистер од 2017, патната врска со која се поврзува Националниот парк Пелистер со патната мрежа во Битолскиот Регион делумно ги задоволува потребите за пристап на моторниот сообраќај, но со сообраќајниот профил и квалитетот на коловозот не овозможува квалитетно опслужување.

    Ж.  ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира