КОГА ПОНУДИВМЕ ОПОЗИЦИЈАТА ДА БИРА ЈАВЕН ОБВИНИТЕЛ, ВМРО-ДПМНЕ ИЗБЕГА, ОДГОВОРИ МАРИЧИЌ ЗА БАРАЊЕТО НА МИЦКОВСКИ ОД ПРОТЕСТОТ ПРЕД СУДОТ

    КОГА ПОНУДИВМЕ ОПОЗИЦИЈАТА ДА БИРА ЈАВЕН ОБВИНИТЕЛ, ВМРО-ДПМНЕ ИЗБЕГА, ОДГОВОРИ МАРИЧИЌ ЗА БАРАЊЕТО НА МИЦКОВСКИ ОД ПРОТЕСТОТ ПРЕД СУДОТ„Идејата за избор на Државниот јавен обвинител на предлог на опозицијата е наша стара идеја, која ВМРО-ДПМНЕ не сакаше да ја дискутира, а сега не може Устав да се менува, не е време“, кажа на денешната прес-конференција министерот за правда Бојан Маричиќ. (Фото:СДК.МК)

    Вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски смета дека не е нормално што во некои институции уште не можат граѓаните да завршат работа по редовен, туку бараат алтернативен пат, што од слабост и неспособност во нив, што од корупциски мотиви. Но, кажа дека тоа е систем кој е криво изграден уште пред тој да се роди, пред 30, 40 или 50 години, и не може да се среди за три месеци, по што кажа од каде ќе почне да се исправуваат и коригираат работите.

    „Добар почеток за трансформирање на општеството и нашиот код на размислување, е сега кога ќе се бираат и назначуваат директори на државни институции, да се бираат најдобрите. Ќе мора кандидатите на огласот да напишат план и мотивациско писмо на пример зошто конкурираат, како мислат да ја водат институцијата, што ќе вложат да ја доведат во ред, покрај нивното образование и квалификации“, рече Николовски.

    Тој и министерот за правда Бојан Маричиќ се пофалија дека ГРЕКО (тело на Советот на Европа кое ги следи мерките што ги преземаат државите за спречување и борба против корупцијата), објавила дека мерките што ги презела Република Северна Македонија на овој план, дале резултат. Од 19, само две препораки не се исполнети, а 8 делумно.

    Министерот за правда Бојан Маричиќ рече дека оценката за Македонија од незадоволителна, сега е задоволителна и оти таа ја напушти групата на глобално незадоволителни држави.

    Препораките се однесуваа на преземање мерки против корупција во Парламентот, судството и во обвинителството.

    Пофален е донесениот Кодекс за пратеници во однос на забраната за примање подароци и поволности, Законот за спречување на корупција и судир на интереси, Законот за Судски совет, Законот за Јавно обвинителство..Според Маричиќ, нотирано е дека со законот сме овозможиле Антикорупциската комисија темелно да ги испитува имотната состојба и судирот на интереси кај функционерите, но констатирани се слабостите во однос на уловите за работа и човечки ресурси.

    Најпоздравено е тоа што со закон е овозможено во одредени случаи кога треба, да се тргне банкарската тајна и Антикорупциската комисија да може да бара и добие банкарски податоци за носителите на јавни функции.

    На новинарско прашање за барањето на ВМРО-ДПМНЕ Јавниот обвинител да биде биран на предлог на опозицијата, Маричиќ потсети дека имаше предлог од СДСМ  за такво нешто, но опозиционата ВМРО-ДПМНЕ избега и ги напушти преговорите. А сега, рече, не е време за промена на Уставот, има други приоритети во однос на владеењето на правото.

    „Тоа е наша стара идеја, но за жал опозицијата немаше конструктивна соработка со мнозинството. Имаше шанса тоа да го договориме и кога се носеше новиот Закон за Јавно обвинителство, но ВМРО-ДПМНЕ напушти, се повлече. За оваа идеја треба да се смени и Уставот што не е сега време да се менува. Ќе има можност опозицијата да учествува и да се бори за своите ставови во периодот што претстои со конструктивни предлози. Не веруваме дека е добар начинот Јавниот обвинител да го бираат политичари. Имавме таква ситуација со специјалниот јавен обвинител, опозицијата потоа го критикуваше. Сметам дека е добар Јавниот обвинител на РСМ и треба да го оставиме да си ја врши работата“, рече Маричиќ.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира