Словенечкиот претседател Борут Пахор кажа дека пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ мора да почнат веднаш и без одлагање, на денешната заедничка прес-конференција со македонскиот претседател Стево Пендаровски во дворот на Вила Водно. Пахор рече и дека не е случајна неговата посета, а не е случајно ниту времето на посетата, пред да замине да му се поклони на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“.
„Не можам да кажам колку е тоа битно. Мојата посета тука не е случајна, не е случајно ниту времето на посетата. Го избрав зашто сакам како една од 27-те држави на ЕУ да нагласам дека сега е вистинската прилика да не се одложува меѓувладината конференција на Северна Македонија со Европската комисија. Разбирам дека некои соседни држави имаат колебања, но сакам отворено и јасно да кажам дека сега е вистинско време за солидарност меѓу членките на ЕУ и за целата дипломатска вештина да стори сé меѓувладината конференција да почне без одложување. Словенија сега не го повикува Брисел да направи чекор, туку сум тука, во Скопје, посебно да кажам само за една држава, зашто сé уште важи индивидуалниот пристап“, изјави Пахор.
Тој вели дека е пријател и со македонскиот, но и со бугарскиот претседател и, како што кажа, знае колку е чувствително ова прашање.
„Кога блокирате договори, станува политички се потешко да се најде компромис. Двете држави треба да најдат решение што побрзо, зашто одложувањето би значело многу тешка задача за наоѓање прифатливи решенија“, рече Пахор.
Пендаровски не сакаше да ја коментира почетната преговарачка позиција на Бугарија, но најави отворање на комуникациски канал со Софија.
„Сакам да го видам крајот на преговарачкиот процес кој се одвива во ЕУ. Не би ја коментирал почетната преговарачка позиција на Бугарија. Имаме намера периодов да го отвориме комуникацискиот канал со Софија. Би почекал следните недела-две како ќе се одвива преговарачкиот процес во Брисел. Има сигнали дека може да се најде компромис за неколку точки. Апсолутно сум убеден дека нашите бугарски пријатели нема да си дозволат да бидеме блокирани во декември“, изјави Пендаровски.