ГОДИНА И ПОЛ ЗАТВОР ЗА ГРУЕВСКИ, УСЛОВНА КАЗНА ЗА ЈАНАКИЕСКИ ЗА НАСИЛСТВОТО И ШАМАРИТЕ ВО ЦЕНТАР

    ГОДИНА И ПОЛ ЗАТВОР ЗА ГРУЕВСКИ, УСЛОВНА КАЗНА ЗА ЈАНАКИЕСКИ ЗА НАСИЛСТВОТО И ШАМАРИТЕ ВО ЦЕНТАРОва е прва пресуда против Јанакиески, против кого се водат други постапки и течат други судски процеси. Во четири од нив, тој е сообвинет со Груевски (ТНТ, Титаник, Траекторија, Организатори на 27 април). (Фото: СДК.МК)

    Нарачателот на шамарите и насилствата во Општина центар Никола Груевски во 2013 година доби затворска казна во траење од 1 година и шест месеци, во отсуство. Второобвинетиот Миле Јанакиески, за организација на насилствата, по нарачка на тогашниот премиер Груевски, денеска е првостепено осуден на условна казна од една година затвор, ако во наредните 4 години направи друго кривично дело насилство.

    Уште петмина извршители, симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ, се осудени на условни затворски казни. Тие во следните 2 години не смеат да го повторат кривичното дело насилство.

    Обвинителката Фатиме Фетаи не е задоволна од висината на казните, односно од условните казни. Најави жалба до Апелациониот суд Скопје, со која ќе бара затворски казни за обвинетите.

    Ова е прва пресуда против Јанакиески, против кого се водат други постапки и течат други судски процеси. Во четири од нив, тој е сообвинет со Груевски (ТНТ, Титаник, Траекторија, Организатори на 27 април).
    Груевски е 2 години во бегство во Унгарија и освен двегодишната затворска казна за мерцедесот што ги натера да му ги купат Гордана Јанкулоска и Ѓоко Поповски од МВР, незаконски со местен тендер и со пари на полицијата, кога ќе биде достапен ќе треба да ја одлежи и оваа затворска казна.

    Обвинението Насилства и шамари во Центар, поднесено во септември 2016 година, се влечеше првин цели две години без практично да почне главната расправа, поради што судијката Татјана Михајлова беше сменета. На втори февруари 2019 година и судијата Душан Јосифов одново го враќа судењето отпочеток, зашто во рок од 90 дена не се одржа ниту една судска расправа.

    Ова е најстарото обвинение на СЈО. Патем, обвинителен предлог е, што бара брза и економична постапка, а се претвори во најдолгото судење.

    Според обвинението, за заштита на лични бизнис интереси, Груевски преку Јанакиески смислува начин како да ја спречи седницата на Советот на општина Центар на која треба да се укине Деталниот урбанистички план со посакуваните за него маркички за градби за Мал ринг. Измислуваат и фантазираат дека на седницата ќе се изгласа уривање на црквата „Свети Константин и Елена“ на улица „Македонија“, само за да ги поттикнат извршителите да ги искршат бараките и да го спречат одржувањето на седницата.
    Толпа поддржувачи и членови на тогашната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ за да ја спречат седницата во два наврата ја нападнаа и ја искршија бараката каде требаше да се одржи седницата. Животот на советниците и на тогашниот градоначалник Андреј Жерновски го доведоа во опасност. Грубо ги навредуваа и малтретираа советниците од СДСМ.

    Во друга бомба, разговараат Јанакиески и Груевски околу тоа што може од ДУП-овите да поништува општината, а што не и воопшто не се споменува црква. Јанакиески му објаснува на Груевски дека по поништувањето на ДУП-от кој што му е многу важен на Груевски, во сила се враќаат старите урбанистички планови, но дека ќе ги дадат на Уставен суд, и таму ќе падне одлуката за ништење.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира