Министерот за здравство Венко Филипче вели дека ја разбира исцрпеноста и премореноста на медицинскиот персонал за време на коронакризата и вели дека ќе направи сè што е во негова моќ да ги задржи во јавното здравство.
Откако на социјалните мрежи синоќа беше објавено дека три медицински сестри од Инфективната клиника побарале отказно решение и користење на заостанатите денови од одмор, тој утринава се сретна со нив во неговиот кабинет и како што ни изјави, разговарал да размислат околу одлуката и по одморот кој го побарале повторно да се сретнат и да разгивараат, со надеж дека ќе ја сменат одлуката и ќе останат на Инфективната клиника.
„Тие ми се колешки, сосема ги разбирам. Сосема ми е сфатливо дека се преморени, истрошени и исцрпени и физички и психички. Но, нивното искуство е бесценето и ќе направиме сè вакви искусни професионалци да ги задржиме во јавното здравство. Такви кадри немаат цена“, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК министерот Филипче.
По средбата со медицинските сестри од Инфективната клиника, тој на Фејсбук напиша дека им изразил огромна благодарност за нивната посветеност и неуморна работа.
„Кога се работи во такви тешки услови со многу стрес и замор, разбирливо е да дојде до потреба за промена за што целосно ги разбирам. Секој човек во здравството е важен и ќе направам сè за да ги мотивирам здравствените работници“, напиша министерот Филишче на Фејсбук.
Синоќа на социјалните мрежи се појавија документи дека главната сестра на Инфективна клиника, и уште 2 одделенски сестри си даваат отказ, а во образложанието зошто бараат отказно решение пишува дека не биле доволно почитувани.
Веднаш по информацијата за трите сестри од Инфективната клиника, на социјалните мрежи се споделуваа вести и за 8 сестри што дале отказ во последните неколку месеци и од Градската општа болница „8 Септември“. До утринава не можевме да ја потврдиме таа информација.
Б. НЕСТОРОВСКА