ОПШТИНА ОХРИД ВЛОЖИ 150.000 ЕВРА ЗА ПОБРЗ ИНТЕРНЕТ И КОМПЈУТЕРИ ЗА ОНЛАЈН НАСТАВАТА, НО НЕ ИСКЛУЧУВА МОЖНИ ПРОБЛЕМИ

    ОПШТИНА ОХРИД ВЛОЖИ 150.000 ЕВРА ЗА ПОБРЗ ИНТЕРНЕТ И КОМПЈУТЕРИ ЗА ОНЛАЈН НАСТАВАТА, НО НЕ ИСКЛУЧУВА МОЖНИ ПРОБЛЕМИОпштина Охрид обезбеди побрз интернет и нови компјутери за деветте основни и четирите средни училишта; - Седишптето на Општината. (Фото: СДК.МК)

    Со над 150.000 евра се подобруваат условите во охридските училишта за реализирање на онлајн наставата во новата школска година, која треба да започне утре. Општина Охрид на деветте основни и четирите средни училишта им обезбеди побрз интернет, нови компјутери и хигиенски и дезинфекциски средства.

    Од општината велат дека се потрошени и 25 милиони денари за нови тоалети, замена на подови, нова дограма, реконструкција на ѕидови и промена на кровни конструкции во повеќето училишта.

    Оттаму се најавува дека дополнителни два милиона денари ќе се обезбедат со новиот ребаланс на буџетот, кој е планиран на следната седница на Советот, во октомври. Додаваат дека Општина Охрид го помага воспитно-образовниот процес за онлајн учење во основните и средните училишта на територијата на Општината, иако тоа е обврска на Министерството за образование.

    „Обврската што како Општина Охрид ја презедовме од Министерството за образование за подобрување на условите за работа во основните и средните училишта во однос на подобрување на интернет мрежата за следење на онлајн настава, зголемување на брзината на интернет конекцијата и обезбедување компјутери за училиштата е завршена. Инсталирањето на новопоставената интернет мрежа трајно ќе го реши проблемот во наредните 10 години. Дел од обврските и планираните активности се во постапка. Со ребаланс на буџетот за таа намена, обезбедивме околу девет милиони денари. Можни се проблеми во реализацијата на онлајн наставата, но спремни сме тековно да ги решаваме“, вели раководителот на Одделението за образование, Јоне Станковски.

    Според него, проблем се и слабите информатички познавања на дел од наставниот кадар, па изминатиов период биле организирани обуки. Општината претходно додели 50 таблети обезбедени од донација за ученици од социјално најзагрозените семејства.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира