Гимназијата „28 Ноември“ од Дебар нема да ја почитува одлуката на Комисијата за заразни болести за одржување на онлајн настава и од понеделник ќе започне со настава со физичко присуство.
„Денеска со Советот на училиштето, со Советот на професори, и со согласноти од учениците и родителите решивме дека в понеделник ќе почнеме со настава со физичко присуство“, ни изјави директорот Рамадан Имери.
И Општина Струга не прифаќа онлајн учење, училиштата велат дека ги исполнуваат здравствените протоколи и бараат средба со министерката за образование и наука Мила Царовска.
„Ако има потреба ќе се сретнеме и со министерката за образование. Ако може да се собираат по кафулиња, дискотеки, улици, и да нема вируси и зголемување на број на заболени, зошто тогаш по училиштата да има такви проблеми?“, вели Дашмир Насуфи од Општина Струга.
Струшките ученици бараат Министерството за образование и Комисијата за заразни болести да се премислат. Ако не им се дозволи да седнат во училишните клупи најавија бојкот на наставата.
На вчерашните протести, гимназијалците од Струга побараа да им се отворат вратите на училишната зграда. Под мотото „Стоп за онлајн настава. Ковид-19 не може да нè спречи да бидеме присутни“, денес на протест излегоа и нивните врсници од Дебар.
Министерката Царовска по настан во скопската пштина Бутел изјави дека најавувањето бојкот или нарушување на протоколите во училиштата е неконструктивен начин на надминување на оваа криза во нашата држава.
„Секој од нас е одговорен за јавното здравје и правото на здравје. Ако некој директно и свесно го загрозува здравјето на другиот, тогаш имаме прекршување на закон и на Устав. Затоа ги повикувам сите наши граѓани, сите родители, наставници и ученици, дека секој од нас треба да се справува на конструктивен начин со оваа епидемија“, рече Царовска.
С. ВРЕНЦОВСКА