Единаесетгодишниот Илче од Охрид, кој беше оставен од родителите, a на седми август сместен во мал групен дом, починало синоќа.
Основното јавно обвинителство Кавадарци во координација со увидна екипа од МВР извршиле увид во семејна единица во село Корешница, Демир Капија, каде синоќа почина 11-годишно дете, соопшти обвинителството.
Неофицијално, при увидот било констатирано дека детето живеело со други три штитеници. Собата била уредна нова и чиста, условите добри.
Илче имаше церебрална парализа и беше со здравствени и психички нарушувања. За него се грижеа тим психолози, дефектолози и медицински сестри.
„Илче со плеснување на рачињата и едно големо браво се збогува со тимот лекари кои се грижеа за него. Здрав и расположен си заминува во мал групен дом. Неговата состојба кога беше хоспитализиран беше тешка, а денеска со надеж дека Илче ќе има шанса за подобар живот, го испраќаме седнат, расположен за игра и насмеан да влезе во новото семејство“, кажаа од Клиниката за детски болести, по десетдневното лекување, кое за него практично беше враќање во живот по катастрофалната состојба во која беше најден.
Илче во јуни првин беше напуштен од таткото, а потоа и од мајка си. Таткото е во добра здравствена состојба, но мајката има здравствени проблеми. Беше најден како целосно запуштено живее сам, во исклучително лоши услови. По налог на министерот за здравство Венко Филипче беше пренесен со возило на Брза помош на лекување во Скопје.
Јавниот обвинител издаде наредба за обдукција на телото на починатото дете, во насока на откривање на причините за настанатата смрт.
П. ПЕЧКОВ