Кумановец позитивен на ковид-19 вчера избегал од ковид-центарот во Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“, но со полиција е вратен назад, изјавија од МВР за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Директорот на „8 Септември“ Христијан Костов вели дека станува збор за бедомник кој во болницата бил донесен на 1 октомври со возило на Брза помош од Куманово во тешка состојба со пневмонија предизвикана од коронавирус. Болницата ги контактирала социјалните служби за да може да се покрие неговото лекување и од тогаш е хоспитализиран во специјалното одделение во кое се третираат пациенти со компликации од ковид-19.
„Пациентот почна да заздравува, стана од кревет, почна да шета и дежурната екипа околу 9 часот навечер во вторникот забележала дека го нема и веднаш пријавиле во полиција. Полицајците го нашле околу 2 по полноќ во близина, во дворот наа болницата. Мислиме дека немал контакт со никого, но за секој случај го изолиравме во посебна соба“, вели д-р Костов.
Од МВР го потврдија случајот.
„На 6 октомври во 21:30 часот од ГОБ ‘8 Септември’ било пријавено дека од ковид-центарот избегал пациент Б. И. од Куманово. По преземени мерки и активности од страна на полициските службеници лицето било пронајдено околу о2 часот и вратено во болницата“, ни рекоа од МВР.
Според вчерашната статистика на Министерството за здравство во „8 Септември“ се хоспитализирани 35 пациенти со ковид-19, од кои на респиратор се тројца.
Б. НЕСТОРОСКА