АКО ЗАЕВ НЕ НЀ ПРИМИ ЗА ДВА ДЕНА, ТОЛПАТА МОЖЕБИ НЕМА ДА МОЖЕ ДА СЕ КОНТРОЛИРА НА СЛЕДНИОТ ПРОТЕСТ, КАЖАА НА ПРОТЕСТОТ ПРОТИВ УНИШТУВАЊЕТО НА НОЌНИТЕ КЛУБОВИ

    АКО ЗАЕВ НЕ НЀ ПРИМИ ЗА ДВА ДЕНА, ТОЛПАТА МОЖЕБИ НЕМА ДА МОЖЕ ДА СЕ КОНТРОЛИРА НА СЛЕДНИОТ ПРОТЕСТ, КАЖАА НА ПРОТЕСТОТ ПРОТИВ УНИШТУВАЊЕТО НА НОЌНИТЕ КЛУБОВИПротестот обедини пејачи и музичари од сите жанрови, диџеи, угостители и сопственици на ноќни клубови (Фото: К. Попов)

    Итна средба со премиерот Зоран Заев во наредните два дена побараа учесниците на денешниот протест против уништувањето на ноќните клубови, во спротивно, најавуваат уште поголем, помасовен и поизреволтиран собир на 11 октомври, кога, како што велат, можеби веќе нема да можат да се контролираат.

    Пејачи и музичари од сите жанрови, диџеи, угостители и сопственици на ноќни клубови излегоа на протестот пред Владата, револтирани што веќе со месеци им се ускратува правото да работат, со што трпат огромни финансиски загуби, а не добиваат соодветна помош од државата.

    Пред Владата беше поставен и импровизиран ноќен клуб (Фото: К. Попов)

    „Доколку премиерот Заев не нѐ прими во рок од два дена за да ги ислуша нашите барања, за што веќе бевме одбиени кој знае колку пати и ако веднаш не нѐ пуштат да работиме со протоколи, на 11 октомври ќе направиме уште поголем и поизреволтиран протест и се плашам дека толпата веќе нема да може да се контролира. Доста е веќе малтретирање, нашите семејства и деца трпат. И премиерот Заев беше на овие улици и си ги бараше правата со седење во шатори, па нека се стави во наша ситуација и нека се замисли во колкава бројка ќе се собереме тука, можеби и со шатори“, изјави Даниел Сидовски во името на организаторите на протестот.

    Засегнатите велат дека имаат две основни барања до Владата.

    „Ноќните клубови не беа вклучени во последниот пакет мерки за добивање финансиски грантови. Побаравме итен состанок со претставници од власта, но уште немаме добиено одговор. Затоа се собравме овдека за да побараме состанок на кој би ги доставиле нашите барања, а тие се итно донесување пакет финансиски мерки во вид на грантови со кои би се сервисирале нашите долгови од изминатиот период и донесување заеднички протоколи, според кои полека би можеле да отвориме и да почнеме да работиме“, изјави Горан Арсовски како претставник на ноќните клубови.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира