Граѓаните треба да ги скенираат сметките во рок од три дена од нивното издавање за време на претстојниот викендот без ДДВ, а парите ќе им бидат вратени до крајот на месецов. Од Управата за јавни приходи денеска кажаа дека апликацијата „Мој ДДВ“ е прилагодена и граѓаните за време на продолжениов викенд, 10, 11 и 12 октомври ќе пазарат македонски производи и ИТ опрема без данок.
„Граѓаните со скенирање на сметките за купени македонски производи и услуги, како и за комјутерска опрема без разлика на производителот, ќе ги добијат во целост парите од пресметаниот данок на додадена вредност. Едно лице ќе може да добие поврат за промет до 30.000 денари. Апелираме до трговците да ги означат македонските производи односно да ги разделат правилно од останатите“, рече в. д. директорот на Управата за јавни приходи Фарук Омери.
Од Владата најавија дека инспекциските служби за време на викендот без ДДВ ќе продолжат со интензивни контроли на терен, во делот на почитување на ковид протоколите, а Државниот пазарен инспекторат ќе спроведува контроли со цел да се спречат можни манипулации со цените на производите. За секое непочитување на протоколите предвидени се глоби во зависност од големината на трговците.
Викенд без ДДВ е прва од четвртиот пакет економски мерки за справување со коронакризата на Владата. Со оваа мерка, како што кажа премиерот Зоран Заев, се проектира да се направи промет од 170 милиони евра, пари кои ќе бидат инјекција за стопанството, а кон граѓаните ќе бидат вратени околу 17 милиони евра од повратот на ДДВ.
А. АНТЕВСКА