Во последното деноноќие почина 68-годишна битолчанка како последица на ковид-19 и нема новорегистрирани позитивни на коронавирусот, соопштија од Кризниот штаб на општината. Иако Битола не е на списокот општини со голем број заболени и до сега не беше жариште на коронавирусот, сепак во изминатите три недели, на неделно ниво се покачуваше бројот на регистрирани позитивни за околу педесет проценти. Во моментов има 151 активен случај, Од почетокот на пандемијата во општината се регистрирани 466 позитивни на ковид-19.
Од Кризниот штаб велат дека за поповолната епидемиолошка слика во однос на другите градови своја улога има и лабораторијата за тестирање на ковид-19 отворена во Центарот за јавно здравје, бидејќи примероците не се носат во Скопје и резултатите се добиваат истиот ден, така што може побрзо да се реагира. Како најголем проблем во битката со ковид-19, од Кризниот штаб го посочуваат криењето на контактите на позитивните па не може да се добие целосна епидемиолошка слика на евентуално нови инфицирани лица.
Според статистиките што редовно на дневна основа ги објавува Центарот за јавно здравје од Битола, половината од лицата кои се инфицирале со ковид-19 овој месец не дале податоци за контакти со други позитивни лица.
Вкупно ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата има 23.788, оздравеа 17.392, починаа 846, а активни случаи се 5.550.
Ж. ЗДРАВКОВСКА