Франција го повика на консултации нејзиниот амбасадор во Турција, откако турскиот претседател Теџеп Таип Ердоган го навреди неговиот француски колега Емануел Макрон. Ердоган рече дека Макрон треба да си го провери менталното здравје, откако тој вети дека ќе ги брани секуларните вредности и ќе се бори против радикалниот исламизам. Макрон говореше за овие теми откако француски учител беше обезглавен затоа што на учениците им покажувал карикатури од пророкот Мухамед.
„Франција никогаш нема да се откаже од нашите карикатури“, рече тој неодамна.
Прикажувањата на пророкот Мухамед е сериозна навреда за муслиманите бидејќи исламската вера строго забранува слики на Мухамед и Алах. Но државниот секуларизам е централен во националниот идентитет на Франција. Ограничувањето на слободата на изразување за да се заштитат чувствата на една особена заедница, вели државата, го поткопува единството на земјата.
Ердоган рече: „Што е проблемот на таа личност Макрсон со исламот и со муслиманите? На Макрон му е потребно лекување на менталното здравје“, а од кабинетот на Макрон изјавија: „Коментарите на претседателот Ердоган се неприфатливи. Испади и непристојност не се методи. Бараме Ердоган да го смени курсот на неговата политика бидејќи е опасно во секој поглед“.
Ердоган е посветен муслимански верник кој настојува исламот да го вметне во турската меинстрим политика уште откако неговата АК партија дојде на власт во 2002.
Дипломатскиот инцидент е последниот во нарушените односи меѓу Франција и Турција, кои се сојузнички во НАТО но не се согласуваат по многу геополитички прашања, меѓу кои и граѓанските војни во Сирија и Либија и конфликтот меѓу Ерменија и Азербејџан за спорниот регион Нагорно-Карабах.
Седуммина, меѓу кои и двајца ученици, се обвинети за обезглавувањето на францускиот наставник Самуел Пати на 16 октомври близу Париз. Убиецот, 18-годишниот Абдула Анзоеов, беше смртно застрелан од полицијата брзо по нападот, кој се случи близу школото на Пати.