ИГОР ДУРЛОВСКИ НЕ ДОЈДЕ ВО СОБРАНИЕТО ДА ЈА ОБРАЗЛОЖИ ОСТАВКАТА, НА НЕГОВО МЕСТО ДОАЃА ДРУГ ПРАТЕНИК ОД КОАЛИЦИЈАТА НА ВМРО-ДПМНЕ

    ИГОР ДУРЛОВСКИ НЕ ДОЈДЕ ВО СОБРАНИЕТО ДА ЈА ОБРАЗЛОЖИ ОСТАВКАТА, НА НЕГОВО МЕСТО ДОАЃА ДРУГ ПРАТЕНИК ОД КОАЛИЦИЈАТА НА ВМРО-ДПМНЕИгор Дурловски беше еден од водачите на движењето „За заедничка Македонија“ по чии неколкумесечни протести во 2017 дојде до организираниот напад на Собранието на 27 април. Тој доби ослободителна пресуда (Фото:СДК.МК)

    Спикерот Талат Џафери на денешната собраниска седница ја констатираше оставката на пратеникот од листата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Игор Дурловски. Тој имаше можност да ја образложи оставката на пратеничката функција, но не дојде да го стори тоа, што е негово право, па Џафери само ја констатираше.

    До денеска нема коментар од партијата, ниту од пратеничката група за оставката. Дурловски беше носител на пратеничката листа на коалицијата „За обнова на Македонија“ во Петтата изборна единица. Беше независен пратеник, приклонет во пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, на која не е член.

    Пратеничката фотелја боде кога политичката прагма станува поважна од моралот“, напиша Дурловски пред 6 дена на Фејсбук профилот. Тој вели дека „тоа што го зборувал не можел да го направи“ и затоа „сега нема да зборувам, а ќе продолжам да го правам“.

    Игор Дурловски беше еден од водачите на движењето „За заедничка Македонија“ по чии неколкумесечни протести во 2017 дојде до организираниот напад на Собранието на 27 април. Тој доби ослободителна пресуда за насилствата за време на организираниот напад на Собранието. Другите водачи на „За заедничка Македонија“ Богдан Илиевски-Бетмен, Борис Дамовски и Владо Јовановски побараа амнестија и не им се судеше.

    На кусата седница утринава Џафери им ги констатираше и оставките на пратениците Бајрам Реџепи и Сања Лукаревска. Инженерот Реџепи оди на местото каде што досега беше, директор на Национални енергетски ресурси, согласно неговото образование. Лукаревска се враќа директор на УЈП. Оставка на пратеничката функција даде и Мухамед Зеќири, но за него не се знае која функција ќе ја добие.

    Седницата ќе продолжи кога пратеничките групи ќе достават до Собранието нови имиња од своите листи, за да им се верифицира мандатот како нови пратеници на местото на тројцата.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира