Нивото на заштитните антитела кај луѓето паѓа доста брзо по заразата со коронавирусот, покажа ново истражување.
Тимот на Лондонскиот империјален колеџ утврдил дека бројот на испитаниците кои имаат антитела паднал за 26% во периодот меѓу јуни и септември, што упатува на тоа дека имунитетот се намалува, што пак отвора можност вирусот да се фати повеќе пати.
Повеќе од 350.000 луѓе во Англија направиле тест за антитела во рамките на истражувањето. Во првата рунда од тестирањето, спроведено на крајот на јуни и во почетокот на јули, кај 60 од 1.000 луѓе било утврдено присуство на антитела, но во втората рунда во септември нивниот број се намалил на 44.
„Имунитетот слабее доста брзо. За само три месеци по првата рунда од тестирањето, имаме пад на бројот на луѓето со антитела од 26%. Падот бил уште поголем кај лицата над 65 години во споредба со младите и кај лицата без симптоми во споредба со оние со целосно развиен ковид-19“, вели Хелен Ворд, еден од учесниците во истражувањето.
Бројот на здравствените работници со антитела останува доста висок и се верува дека ова се должи на нивната редовна изложеност на вирусот.