Од утре (четврток) сите граѓани, освен оние кои спортуваат на отворено, децата под 6 години и некои други исклучоци, ќе мора да носат маски и на отворено. По жестока расправа во Комисијата за здравство во која се слушнаа бројни навреди и лични квалификации меѓу пратениците од власта и од опозицијата, вечерва на пленарна седница пратениците со 53 гласа „за“, ниту еден „против“ и 26 „воздржани“, ги усвоија овие измени на Законот за заштита од заразни болести.
Покрај задолжително носењето маска на отворено, задолжителна е самоизолацијата на оние кои чекаат тест за коронавирус и се забранува групирање на јавен простор (паркови, јавни површини или било која површина на отворено) во одредени периоди од деноноќието.
Со Законот, самоизолацијата е задолжителна при тестирање за ковид-19, од закажување на тестот или самото тестирање до добивање на резултатот, а самоизолацијата продолжува ако резултатот е позитивен. За прекршување на самоизолацијата казната е 50 евра.
Не треба да се носат маски во кафеани во кои се воспоставени и се почитуваат специфични протоколи за заштита, како растојание и дезинфекција.
Попрецизно, носењето маска на отворено нема да важи: при спортување на отворен простор или на затворено со почитување на специфичните протоколи за заштита (дистанца, дезинфекција и слично), при возење во приватно патничко моторно возило ако возачот е сам или со лице или лица со кои живее во заедница, потоа при престојување во двор на семејна куќа сам или со лице или лица со кои заедно живеат, маска на отворено нема да се носи ако се користи друг тип на заштитна опрема специфична за определено работно место, натаму ако лицето е помладо од 6 годишна возраст и ако лицето има специфична здравствена состојба (лице со посебни потреби или е лице со пречки во развој), поради што носењето на лична заштита на лицето би било проблематично.
За непочитување на новите законски обврски ќе се пишува казна од 20 евра за неносење на маска.
Пратениците од СДСМ и министерот за здравство Венко Филипче се премислија и го повлекоа предлогот кој предвидуваше контрола во домовите на граѓаните и казни доколку има повеќе од четири гости. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои обезбедија кворум, а гласаа воздржано, рекоа дека да не биле тие, полицијата ќе упаѓала и ќе ги контролирала граѓаните и во домовите. Со тоа, ако нема ограничување на движењето, односно полициски час, граѓаните ќе може да си се собираат по дома и на верски празници и на куќни слави, односно да примаат гости колку сакаат, нешто што западноевропските држави во моментов го забрануваат најстрого.
С. К. ДЕЛЕВСКА