Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски од вчера е хоспитализиран на Инфективната клиника во Скопје, потврдуваат е неговиот кабинет за САКАМДАКАЖАМ.МК. Од таму велат дека Спасовски е во стабилна состојба.
„Министерот Спасовски од вчера е на Инфективна клиника поради висока температура. Неговата здравствена состојба сега е стабилна“, велат од Министерството за внатрешни работи.
Министерот Спасовски во понеделникот доцна навечер на својот фејсбук профил објави дека е позитивен на ковид-19. Тој во неделата беше во друштво на премиерот Зоран Заев и неколкуте високи партиски функционери на СДСМ за време на дигиталниот конгрес на владејачката партија.
На Инфективната клиника се лекува и генералниот секретар на Владата Драги Рашковски. Пратеничката Славјанка Петровска и советникот за односи со јавност Марјан Забрчанец вчера на своите фејсбук профили објавија дека се позитивни на коронавирус. Позитивен тест на ковид-19 има и портпаролката на СДСМ Богданка Кузевска.
А. АНТЕВСКА