СОВЕТНИЦИТЕ ОД ОПШТИНА ТЕТОВО НЕ ДОЗВОЛИЈА „ГРАДСКИ ПАРКИНГ“ ДА ЗЕМЕ КРЕДИТ ЗА ПОКРИВАЊЕ НА ЗАГУБИТЕ

    СОВЕТНИЦИТЕ ОД ОПШТИНА ТЕТОВО НЕ ДОЗВОЛИЈА „ГРАДСКИ ПАРКИНГ“ ДА ЗЕМЕ КРЕДИТ ЗА ПОКРИВАЊЕ НА ЗАГУБИТЕГрадски паркинг пријави загуби од речиси три и пол милиони денари во првите шест месеци од годината (Фото: СДК.МК)

    Повеќе од два часа траеше дискусијата во Советот на Општина Тетово за барањето на ЈП „Градски паркинг“ да земе кредит со кој би се покрила неговата загуба настаната во периодот од јануари до јуни оваа година. Во финансискиот извештај што беше доставен стои дека во првиот квартал од 2020 претпријатието прикажало загуба од 273.000 денари, а во вториот квартал, во периодот на кризата со ковид-19, загубата е дури 3.137.000 денари. За сервисирање на долгот побарано е да се земе кредит од 6.000.000 денари, што предизвика силна реакција на советниците од опозициските партии.

    „‘Градски паркинг‘ цело време работи со загуба и сега од нас бара да одобриме да земе кредит. Такво нешто нема смисла и затоа бевме против оваа одлука. Ние цело време прашуваме како се направени тие загуби. Од граѓаните слушавме разни индиции за ова, но сега видовме дека тие се совпаѓаат со состојбата во претпријатеито. Во првите три месеци кога уште не беше присутна пандемијата, имале загуба од околу 270.000 денари, а веќе во наредното тримесечје загубата е околу три милиони. Ни велат дека во пандемијата не работеле, но секој кој се паркирал на паркинг местата плаќал“, вели Ариф Сељами од советничката група на Алијанса за Албанците, која е опозиција во Советот.

    На седницата не беше присутен директорот на ЈП „Градски паркинг“, што предизвика уште поголем револт кај советниците од опозицијата, кои посочија дека во минатото, Општината покрила еден долг на претпријатието од 88.000 евра. И дел од советниците од мнозинските партии гласаа против одлуката за земање кредит.

    Денешната седница на Советот требаше да биде посветена и на советнички прашања, но таа точка се одложи бидејќи не беа присутни ниту градоначалничката Теута Арифи, ниту раководителите на секторите.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира