Грција ќе ги затвори рестораните, кафулињата, кината и теретаните во поголем дел од земјата по драстично зголемениот број на заразени со коронавирус. Премиерот Кирјакос Мицотакис во телевизиско обраќање кажа дека новите мерки стапуваат во сила од понеделник и ќе бидат во сила цел ноември.
Со овие мерки ќе биде опфатена речиси цела северна Грција, како и регионот околу Атина. Рестораните во овие области ќе работат само со домашна достава.
Во остатокот од земјата, маските ќе бидат задолжителни насекаде и ќе има полициски час од полноќ до 5 часот наутро. Предавањата на универзитетите ќе бидат на далечина.
Во споредба со затворањата пролетта, нема да бидат ограничени патувањата и продавниците ќе бидат отворени. Дневните случаи на коронавирус во Грција надминаа 1.000 неделава, а вчера беа регистрирани 1.960 случаи.