ЖЕЛЕЗНИЧКАТА СТАНИЦА ВО ТЕТОВО ОБНОВЕНА ЗА ПРВПАТ ОТКАКО БЕШЕ ИЗГРАДЕНА ПРЕД СЕДУМ ДЕЦЕНИИ

    ЖЕЛЕЗНИЧКАТА СТАНИЦА ВО ТЕТОВО ОБНОВЕНА ЗА ПРВПАТ ОТКАКО БЕШЕ ИЗГРАДЕНА ПРЕД СЕДУМ ДЕЦЕНИИСтаницата е целосно освежена, но возовите сообраќаат низ неа само двапати на ден (Фото: СДК.МК)

    По речиси седум децении откако е изградена, железничката станица во Тетово доби ново руво. Таа е целосно надворешно и внатрешно реконструирана, а обновени се и пероните на станицата.

    Откако е изградена, на железничката станица само еднаш е интервенирано и тоа за поправка на покривот. Сега со реновирањето е решен долгогодишниот проблем со атмосферската канализација, целиот паркинг простор околу станицата е асфалтиран, направен е пристап за лица со посебни потреби, променет е покривот, обновени се чекалната и билетарницата и поставена е енергетски ефикасна фасада. Обновени се и станичните колосеци, а променети се и дотраените железнички прагови“, изјави Фестим Халили, директорот на ЈП за железничка инфраструктура при Железници на Република Северна Македонија.

    Од фасадата на станицата исчезна спомен-плочата која објаснуваше за нејзината изградба (Фото: СДК.МК)

    Сега треба да се работи на зголемувањето на бројот на возови кои поминуваат низ станицата. Според сегашниот возен ред, возовите на релација Скопје-Кичево сообраќаат само двапати на ден, еднаш наутро и еднаш навечер.

    Железничката станица во Тетово е пуштена во употреба на 25 мај 1952 година. На нејзината предна фасада стоеше спомен-плоча која објаснуваше дека станицата е изградена со доброволна работа на 52.000 жители од тетовскиот крај и со помош на припадниците на тогашна ЈНА. За изградбата биле дадени 996.832 работни часови, во вредност од тогашни 139.570.480 динари. Со денешната реконструкција, спомен-плочата ја снема од фасадата и не се знае каде е. Халили вели дека не знаел за ова и дека ќе испита кој ја тргнал плочата и каде завршила.

    З. АНДОНОВ 

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира