Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) од вчера почна со телефонски закажувања за приватни тестирања за ковид-19 и за тестирања за сертификат за патување во странство, за разлика од досега, кога се одеше без закажување и се создаваше метеж. Закажувањето, како што стои на нивната официјална страна, се врши на телефонскиот број 075/276-132. Терминот се закажува секој ден од 8:30 до 14 часот, цената е 1.850 денари.
Термините за тестирање станаат голем проблем за граѓаните и здравствениот систем изминативе недели, откако секојдневно драстично почна да расте бројката на новозаболени од ковид-19.
Во Институтот за јавно здравје од 27 октомври се прават по 1.000 теста за ковид-19 на ден, а со дополнителните 100 во Центарот за јавно здравје и 100 во лабораторијата во Козле, дневно ќе се стига до 2.000 тестирања во јавните здравствени установи.
Во Институтот покрај постојното приемно одделение ќе функционира уште едно одделение за прием со лаборант и администратор со што ќе се забрза процедурата за земање тестови за ковид-19. Пунктот работи секој ден од 7:30 до 14 часот за земање брисеви а од 18 до 20 часот за подигнување на резултатите.
„Предвидено е дневно да се вршат до 1.000 тестови, што е за околу 150 тестови повеќе во однос на досегашните. Епидемиолошката служба ќе биде ангажирана во две смени, а за таа цел ќе бидат креирани и дополнителни термини за тестирање во системот Мој термин“, вели Министерството за здравство.
Министерот за здравство Венко Филипче минатата недела кажа и дека разговараат со приватните лаборатории да помогнат и кај нив граѓаните да се тестираат по референтната цена која ја утврди Фондот за здравство, 1.850 денари, но прво ќе го следат текот на епидемијата па ќе утврдат дали ќе има потреба за тоа.
Три илјади брзи тестови за ковид-19 пристигнале денеска во Министерството за здравство, кои се дел од донацијата од 13. 000 брзи тестови, а останатиот дел ќе биде испорачан до среда, соопштија оттаму. Станува збор за најнова технологија, со која за 15 минути се утврдува дали кај тестираниот е присутен вирусот ковид-19.
Б. НЕСТОРОСКА