Откако од минатата недела во Штип почна да расте бројот на новозаболени со ковид-19, Клиничката болница почна да го адаптира Кожното одделение за хоспитализирање пациенти, бидејќи Инфективното одделение го исполни капацитетот од 54 кревети.
„За кратко време извршени се неколку адаптации на собите во Кожното одделение за да може да се сместат болни од Инфективно чиј капацитет веќе е исполнет. Обезбедивме простор за 10 до 12 пациенти кои ќе бидат префлени од Инфективното одделение на Кожно. Станува збор за пациенти со полесни клинички слики, за да може на Инфективното одделение да се ослободат места за потешките случаи со ковид-19 “, вели директорот Ален Георгиев.
Клиничката болница во Штип вакво растоварање на капацитетите направи и за време на првиот бран, кога дел од болните беа сместени на Кожното и Нервното одделение кое се наоѓа во истата зграда со Инфективното одделение. И тогаш и сега, Инфективното е пополнето половично со пациенти од соседните градови, а половината со пациенти од Штип.
Цела недела во Штип како новозаболени секој ден се јавуваа од 10 до 20 лица, а бројот на активните e 300.
Т. ЈОВАНОВСКИ