НЕМА ЗАСТОЈ НА РАДИОЛОГИЈА, КОВИД ПОЗИТИВНИ СЕ ДИРЕКТОРОТ И УШТЕ ТРОЈЦА ОД АДМИНИСТРАЦИЈА, ВЕЛИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО

    НЕМА ЗАСТОЈ НА РАДИОЛОГИЈА, КОВИД ПОЗИТИВНИ СЕ ДИРЕКТОРОТ И УШТЕ ТРОЈЦА ОД АДМИНИСТРАЦИЈА, ВЕЛИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО„На Радиологија нема стагнација на работата бидејќи останатите позитивни се уште двајца вработени во администрација и еден техничар“, велат од Министерството за здравство. (Фото: К. Попов)

    Директорот на Институтот  за радиологија д-р Даниел Ѓурчинов е позитивен на ковид-19, како и уште тројца вработени, потврди Министерството за здравство за САКАМДАКАЖАМ.МК. Оттаму велат дека сите се во добра состојба и на домашно лекување.

    „На Клиниката нема стагнација на работата, бидејќи останатите позитивни се уште двајца вработени во администрација и еден техничар“, велат од Министерството.

    Порталот „360 степени“ објавија дека вработените биле известени усно оти директорот и колеги се позитивни, и дека се во паника оти не знаеле дали да се тестираат или изолираат. На нашето прашање до Министерството, каков е протоколот за известување на вработените во институциите и зошто, како што пренесуваат медиумите, вработените се известени само усно, оттаму ни одговорија:

    „Секоја институција е обврзана да ги почитува протоколите за безбедност при работа и спречување на ширење на вирусот ковид-19. Доколку дојде до зараза со коронавирусот, тие го известуваат Центарот за јавно здравје и Државниот санитарен и здравствен инспекторат, се прават анкети и се одредува кои од вработените да бидат изолирани“.

    Според последната статистика од Институтот за јавно здравје, која се однесува на периодот од 26 октомври до 1 ноември, од случаите кои се епидемиолошки истражени (26.761; 81,2%), регистрирани се 1.379 (5,1%) случаи на заболување меѓу здравствени работници.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира