Жителите на велешката населба Речани реагираа на загадувањето што го предизвикува дел од нивните сограѓани, кои палат суви гранки и трева и со тоа се создаваат облаци од чад.
„Оваа зачадена слика е присутна во есен, рано претпладне или доцна попладне. Се чистат бавчите и дворовите, се палат сува трева, остатоци од градинарските растенија и цвеќето кое се корне. Облаците од чад ги вдишуваме сите, и нашите деца, но и тие што палат“, велат дел од жителите на населбата.
Палењето на вакви суви материи и стрништа, според стручните лица, е мошне опасно, бидејќи се испуштаат азотни оксиди и други отровни материи, кои се штетни по човекот и животинскиот свет. По реакциите од жителите на Речани, Општина Велес упати апел до сите да се воздржат од палење остатоци по земјоделски површини, независно што се наоѓаат на приватен имот.
„Палењето на сувата трева и на остатоците од градините има низа негативни последици, како за почвата, така и за амбиенталниот воздух. Така долготрајно се уништува земјата и се убиваат корисните микроорганизми кои се важни за рамнотежа и за создавање на хумус. Освен тоа, чадот го загадува воздухот, а може да се предизвика и пожар од големи размери“, изјавија од локалана власт.
Оттаму потсетуваат дека палењето стрништа е строго казниво и забрането со закон. Во зависност од тоа дали прекршокот го прави физичко или правно лице, паричната казна достигнува и до 500 евра.
П. ПЕЧКОВ