Во дворот на Кумановската болница се поставуваат војнички шатори за болните од коронавирус, бидејќи постоечките капацитети на двете Ковид одделенија не можат да одговорат на големиот наплив на пациенти. Во паркот се поставени два големи шатори, во кои терапија ќе примаат пациентите што се водат во дневна болница.
„До постоечкиот објект на Инфективното и старото Физикално одделение ќе се постави шатор од АРМ, кој ќе се користи како дневна болница. Ние ќе обезбедиме греење, струја, вода, терапија, човечки ресурси, за да се растерети постоечкиот капацитет на Инфективниот оддел, бидејќи се многу мали ординациите, чекалната и дневната болница. Тој простор ќе се искористи како дополнително место за тријажирање и прием на уште некој пациент“, вели директорката на Општа болница Куманово Снежана Захариева.
Додека бевме во кругот на болницата, екипи на АРМ, јавното претпријатие „Чистота и зеленило“, ЕВН и болницата, работеа на расчистување и уредување на просторот. Заедно со нив беше и началничката на Инфективното одделение Сунчица Јосифова, која ни кажа дека во полската болница ќе бидат сместени дваесетина кревети, а се очекува да започе да функционира од задутре, откако ќе се обезбеди потребната инфраструктура и сите услови за лекување на пациентите.
„Со поставување на шаторите се прави обид да се обезбеди уште некое легло повеќе. Амбулантата на Инфективното одделение е оптоварена со пациенти коишто треба да бидат прегледани и кои доаѓаат на терапија во дневната болница. На ваков начин, ќе обезбедиме услови пациентите кои се прегледани да бидат таму примени од лекар, а со тоа ќе ја растеретиме амбулантата која во овој момент е тесно грло и не може да ги прими сите пациенти кои што бараат помош“, вели инфектологот д-р Јосифовска.
Во моментов, на двете Ковид одделенија се сместени седумдесетина пациенти, на Инфективното 45 и во вториот Ковид-центар на Невролошкото 25 пациенти, а секој момент се бара кревет повеќе.
„На Инфективното одделение дел од хоспитализираните пациенти се со тешка клиничка слика со многу ниска сатурација на кислородна поддршка, некои од нив се критично болни, а другите коишто доаѓаат во дневната болница со средно-тешка клиничка слика“, вели д-р Јосифова.
На местото каде што сега се местат шаторите, беше најавено дека ќе се изгради монтажна болница како во Скопје, но тоа не се реализираше.
Покрај од Куманово, Липково и Старо Нагоричане, во Општата болница се лекуваат и пациенти инфицирани од ковид-19 од Крива Паланка, Кратово и Ранковце, додека Ковид-центарот и болничките одделенија во Здравствениот дом во Крива Паланка стои затворен.
Вчера во Куманово имаше 58 новозаразени од ковид-19, а во моментов актвни се 689.
С. НИКОЛИЌ