Брзите тестови за ковид-19 кои се достапни на шест пункта во Скопје, ги закажува матичниот лекар според претходно опреден алгоритам преку Мој термин, а еден од критериумите е симптомите на ковид-19 да не траат подолго од 5 дена од почетокот до тестирањето. Од Министерството за здравство велат дека тестирања со брзи антигенски тестови се вршат во: Поликлиника Ѓорче Петров, Поликлиника Чаир, Поликлиника Ченто, Поликлиника Бит Пазар, Поликлиника Јане Сандански и Поликлиника Млин Балкан.
„Овие тестови се за детектирање на вирусот ковид-19, а не на антителата. Резултатите од брзиот тест се добиваат за 10 до 15 минути“, велат од Министерството.
Алгоритамот за тестирање е направен според препораките на Светската здравствена организација (СЗО), а матичниот лекар според земената анамнеза прави проценка дали на пациетот ќе му се земе брис за ПЦР- тест или за антигенски брз тест.
„Мора да се напомене дека и доколку брзиот тест е негативен, но симптомите сугерираат на ковид-19 тогаш матичниот лекар може да процени да направи дополнително и ПЦР тест“, вели МЗ.