Германската пратеничка Рената Алт, кој е член на Комисијата за надворешни работи, побара од германската влада да реагира и да апелира до Бугарија да не ја блокира интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ со својот националистички историски ревизионизам, во изјава за „Дојче Веле на македонски“. Пратеничката на Либералната партија (ФДП) вели дека со ветото за Северна Македонија, Бугарија го торпедира процесот на проширување на ЕУ.
„Со своето вето, Бугарија го торпедира секој напредок во процесот на пристапување кон ЕУ. Фактот дека Бугарија го користи своето членство во ЕУ како средство за да изнуди отстапки во историскиот спор со Северна Македонија е целосно неприфатлив и предизвикува повторна штета на процесот на пристапување во ЕУ. Сега, кога ЕУ конечно постигна договор за одржлив и транспарентен пристапен процес, обновената блокада на пристапните преговори ќе биде фатален сигнал. Сојузната влада треба да го искористи преостанатото време на германското претседателство и да апелира до бугарската страна да не ја попречува тековната непречена реформска динамика во Северна Македонија со својот националистички историски ревизионизам“, ја цитира Алт „Дојче Веле на македонски“.
Пратеничката Алт вели дека ветото на Бугарија треба да се искористи како повод да се укине принципот на едногласност во ЕУ.
„Ниту една земја на ЕУ нема право да го негира правото на самоопределувањето на друга земја. По блокадата на Кипар на санкциите на ЕУ против Лукашенко, ЕУ треба конечно да го искористи бугарското вето како повод да го укине принципот на едногласност и со тоа да ја врати способноста на Унијата да дејствува при важни одлуки“, вели Алт.