ОД ДЕНЕС ПОЧНУВА ВАКЦИНАЦИЈАТА ПРОТИВ СЕЗОНСКИ ГРИП, НА ПРИВАТНО Е 800 ДЕНАРИ

    ОД ДЕНЕС ПОЧНУВА ВАКЦИНАЦИЈАТА ПРОТИВ СЕЗОНСКИ ГРИП, НА ПРИВАТНО Е 800 ДЕНАРИМинистерството за здравство потсетува дека најефективниот начин за спречување на болеста и нејзините тешки форми е имунизацијата, особено во период кога се соочуваме со пандемијата со коронавирусот. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Од денеска започнува вакцинацијата против сезонски грип, а термините за бесплатно вакцинирање ги закажуваат матичните лекари.

    Денеска вакцинација започнува во здравствените домови во Скопје, Велес, Неготино и општата болница во Кавадарци; утре во здравствените домови во Тетово, Гостивар, Кичево, Охрид, Струга, Вевчани, Македонски Брод и Ростуше и Општа болница со проширена дејност Дебар; в четврток во здравствените домови во Битола, Прилеп, Крушево, Ресен, Демир Хисар, Свети Николе, Радовиш, Струмица, Штип и Валандово и во Општа болница со проширена дејност Гевгелија.  В петок почнува во здравствените домови во Куманово, Кратово, Крива Паланка, Берово, Делчево, Виница, Пробиштип, Пехчево и Кочани.

    Министерството за здравство вели дека годинава, за бесплатно вакцинирање се набавени 40.000 дози вакцини против сезонски грип, 12.000 повеќе споредено со минатата сезона.

    Комерцијалните вакцини против сезонски грип ги набавуваат Центрите за јавно здравје (ЦЈЗ), каде и ќе се врши вакцинирањето. ЦЈЗ Скопје набави 4.000 вакцини, а цената е 800 денари.

    Министерот за здравство Венко Филипче денес кажа дека ова е веќе трета година по ред како се обезбедува соодветна количина за неколку категории на граѓани и тоа, лица над 65 години, лица со хронични заболувања, бремени жени, здравствени работници и деца до 5 години.

    „Потсетуваме дека најефективниот начин за спречување на болеста и нејзините тешки форми е имунизацијата, особено во период кога се соочуваме со пандемијата со коронавирусот“, велат од МЗ.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира