ВАКЦИНАТА ПРОТИВ СЕЗОНСКИ ГРИП НА ПРИВАТНО ПОСКАПЕ ЗА 150 ДЕНАРИ ОД ЛАНИ, БЕСПЛАТНИ ЌЕ БИДАТ 40 ИЛЈАДИ ДОЗИ

    ВАКЦИНАТА ПРОТИВ СЕЗОНСКИ ГРИП НА ПРИВАТНО ПОСКАПЕ ЗА 150 ДЕНАРИ ОД ЛАНИ, БЕСПЛАТНИ ЌЕ БИДАТ 40 ИЛЈАДИ ДОЗИНабавени се 40.000 дози на четири типни вакцини кои се наменети за бесплатна вакцинација на ризичните групи како лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени и децата на возраст од 6 месеци до 5 години. (Фото: К. Попов)

    Следната недела се очекува да стигнат во земјава вакцините против сезонски грип, а цената на приватно е 800 денари, за 150 денари поскапа од лани.

    „Покачувањето на цената на вакцината за разлика од мината година е поради фактот што сега набавната цена на истата е 650 денари, а 160 денари се манипулативни трошоци (потрошен материјал). Согласно препораките на Комитетот за имунизација, временската рамка за вакцинација е почетокот на ноември. Веднаш по пристигнувањето на вакцините, ќе започне и закажувањето на термините“, велат од Министерството за здравство за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Оттаму додаваат дека вакцините се производ на „Санофи Пастер“ од Франција,  вкупно се набавени 40.000 дози на четири типни вакцини кои се наменети за бесплатна вакцинација на следните дефинирани ризични групи:
    – Стари лица (над 65 години)
    – Лица со хронични заболувања
    – Здравствени работници
    – Бремени жени
    – Децата на возраст од 6 месеци до 5 години

    Сезонската имунизација против грип во Здравствен дом Скопје , ќе се одвива во 6 поликлиники на територија на Скопје и тоа:

    • Поликлиника Ѓорче Петров
    • Поликлиника Букурешт
    • Поликлиника Чаир
    • Поликлиника Бит Пазар
    • Поликлиника Ченто
    • Поликлиника Јане Сандански.

    „Имунизацијата ќе биде со упатување од матичен лекар преку Мој термин во период од 14 до 19 часот. Комерцијалните вакцини против сезонски грип ги набавуваат Центрите за јавно здравје (ЦЈЗ), каде и ќе се врши вакцинирањето. ЦЈЗ Скопје набави 4.000 вакцини“, велат од Министерството.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира