Основното јавно обвинителство Скопје го казни скопското кафуле „Интермецо“ со 5.000 евра оти го скрши службениот печат со кој му се забрани да работи и продолжи да прима гости. Надлежниот јавен обвинител му предложи на Судот за обвинетото лице да изрече парична казна во висина од 100 дневни глоби, при што висината на една дневна глоба да биде определена на 50 евра во денарска противвредност.
„Обвинетиот, на 2 ноември, во деловните простории на правен субјект на улица Митрополит Теодосиј Гологанов, симнал службен знак поставен од страна на овластено службено лице – инспектор за животна средина од Општина Центар. Знакот бил поставен заради осигурување на објектот, а врз основа на донесено Решение за забрана за вршење угостителска дејност во рок од 30 дена, откако со мерења било утврдено дека угостителскиот објект емитувал ниво на бучава над пропишаните гранични вредности. Обвинетиот го отстранил службениот знак за запечатување на локалот, влегол во објектот и продолжил со вршење на дејноста“, велат од Обвинителството.
А. АНТЕВСКА