ТЕТОВО НЕМА АВТОБУСИ, АМА ИМА ПРЕТПРИЈАТИЕ ЗА ЈАВЕН ПРЕВОЗ И АВТОБУСКИ ПОСТОЈКИ

    ТЕТОВО НЕМА АВТОБУСИ, АМА ИМА ПРЕТПРИЈАТИЕ ЗА ЈАВЕН ПРЕВОЗ И АВТОБУСКИ ПОСТОЈКИДодека се чека да заврши постапката на Општината за набавка на автобуси што треба да заврши фо крајот на годинава, група активисти од Тетово во герила акција наречена „За прв пат во светот, автобус-дух!”, на постојките нацртаа автобуси. (Фото: СДК.МК)

    На главните сообраќајници во Тетово деновиве се поставени автобуски постојки за јавниот градски превоз и покрај тоа што градот сѐ уште нема автобуси за оваа намена. Постапката за нивно купување е во процес на јавна набавка, која се очекува да заврши до крајот на годинава.

    „Проектот се одвива во три фази, првата е поставување автобуски станици, втората е набавка на автобуси, додека третата е нивно ставање во функција. Сега се поставија автобуските станици. Документацијата за овој проект е помината на Советот на Општината и се очекува набавка на автобусите“, вели градоначалничката на Општина Тетово Теута Арифи.

    Во системот за електронски јавни набавки стои дека за набавка на урбана опрема и автобуски постојки Општина Тетово има склучено два договора со два економски оператора во вредност од речиси 2,5 милиони денари (околу 40.000 евра).

    И додека се чека да пристигнат вистинските автобуси, тетовци добија „автобуси-духови“. Група активисти од Тетово во герила акција наречена „За прв пат во светот, автобус-дух!”, на постојките нацртаа автобуси.

    „Овие нацртани автобуси ќе им послужат на граѓаните на Општина Тетово сè до конечното решавање на овој процес. Акцијата ‘За прв пат во светот, автобус-дух!’ е финансиски поддржана од Фондацијата Отворено општество – Македонија“, се вели во соопштението кое активистите го испратија во јавноста.

    Општина Тетово досега на двапати основаше општинско претпријатие за јавен превоз „Тетово транспорт“. Претпријатието е основано и работи иако во градот сѐ уште нема јавен градски превоз.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира